Инфо

Српскиот министер Љаиќ утре доаѓа во Скопје да разговара за проблемот со брашното

Србија веќе има подготвено контрамерки поради отежнатиот извоз на српското брашно и тие ќе бидат активирани веднаш доколку не се најде решение на проблемот

вторник, 06 март 2018

Министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ утре доаѓа во Скопје на разговори со македонскиот министер за земјоделство, Љупчо Николовски за решавање проблемот со увозот на српско брашно. Ова за МИА го потврди Кабинетот на српскиот министер, кој претходно најави дека Србија од утре ќе воведе контрамерки поради отежнатиот извоз на српското брашно, бидејќи, како што рече Љаиќ, освен купување време од Македонија не видел подготвеност за решавање на проблемот.

„Не можеме веќе да чекаме. Освен купување време, од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот“, изјави вчера српскиот министер за трговија, Љаиќ, за весникот „Данас“, потенцирајќи дека нема да дојде во Скопје се додека не добие конкретен предлог за кој може да се разговара.

Сепак, Љаиќ утре ќе седне на маса со министерот Николовски за да се решат недоразбирањата околу увозот на српско брашно во Македонија. Но, доколку не биде изнајдено решение, велат од неговиот кабинет, контрамерките, кои се веќе подготвени, ќе бидат активирани веднаш.

Министерот Николовски, пак, не знае за најавените контрамерки, но, потенцира дека е во постојан контакт со српскиот колега. Според него, за Македонија е прифатливо контролните маркички за увоз на еден, два и пет килограми брашно да се лепат во Србија, а за пакувањата со 25 и 50 килограми во Македонија, согласно новиот Правилник. Тврди дека настанатата состојба со увозот на брашното нема да предизвика недостиг на пазарот, ниту, пак, покачување на цената на брашното. Единствената цел е да се почитува постоечкиот Правилник, со кој, всушност, се намалува цената на контролните маркички и се кратат административните процедури.

„Едни се официјалните бројки за увоз што ги дава Царинската управа, втори се оние на Агенцијата за храна и ветеринарство, а сосема трети се официјалните податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издадени контролни маркички. Имаме разлика од 25.000 тони за кои не се издадени маркички, а Царинската управа вели дека се влезени на граница“, изјави Николовски.

Проблемот со увозот на српското брашно настана откако Македонија, на 8 февруари годинава, ги воведе измените на постојниот Правилник со кои се налага брашното да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава, а не тоа да го прават извозниците пред да стигне во државава. Српските извозници реагираа велејќи дека Македонија воведува бариери. Но, македонскиот министер Николовски истакна дека не се менуваат условите за увоз, дека Македонија ниту воведува нови давачки, ниту, пак, нецарински и нетарифни бариери, туку дека само го променила редоследот на активностите при увозот на брашно. Според него, со правилникот само се изедначуваат домашните производители со увозниците.

„Наместо да се лепат контролните маркички во Србија и брашното да доаѓа на граница со залепени маркички и веднаш да се пушта во промет, сега ќе треба да биде складирано во магацините што ги имаат регистрирано увозниците и по проверките од АХВ да биде ставено во промет“, рече Николовски.

Од Србија во Македонија годишно се извезува околу 40.000 до 50.000 тони брашно.
 

Содржината е прочитана 125 пати.