Бизнис вести

Вкупно 2,5 милиони денари за субвенции за преработувачката индустрија

Министерството за економија објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците во висина од 75 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 180.000 денари.

вторник, 06 март 2018

Вкупно 2,5 милиони денари можат да искористат деловните субјекти од преработувачката индустрија за да ја зголемат својата конкурентност, во рамки на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година. Министерството за економија денеска објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за развој на деловен субјект, за развој на производ и развој на пазар. Државата ќе надоместува 75 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 180.000 денари.

Активностите што ќе бидат предмет на поддршка се изработка на техничка документација за нов производ, односно за подобрување на постојниот производ или изработка на индустриски дизајн /редизајн на производ; изработка на идејно решение и/или печатење на нова амбалажа, етикетирање, лого на производ и промотивни печатени материјали; потоа за изработка на студии за истражување на пазарот и маркетинг стратегија и/или активности за развој на бренд; изработка на проекти за енергетска ефикасност и/или воведување стандард за енергетски менаџмент ISO 50001; за набавка на специфичен софтвер од значење за унапредување на деловните активности на претпријатието; кофинанансирање на дел од трошоци за обезбедување сертификат за сообразност на производ; изработка на техничка–проектна документација или студија за техничка изводливост за: планирани инвестициони проекти, подготовка на претпријатието за зголемување на енергетска ефикасност, воспоставување внатрешен систем за управување со отпад и систем за заштита на живостна средина.

На повикот можат да се јават деловните субјекти кои вршат производствени дејности во рамки на секторот Преработувачка индустрија. Еден барател може да поднесе барање само за една активност, но корисник на субвенција не може да биде деловен субјект кој добил државна помош за иста активност во претходните две години.

Одобрените барања ќе бидат исплатени по принципоте „прв дојден прв услужен“, сѐ до исцрпување на расположивите средства од буџетот за 2018 година. Крајниот рок за доставување на барањата е 31 август 2018 година. За барањата со некомплетна документација, како датум на поднесување на барањето ќе се смета датумот на последното дополнување на барањето, односно датумот кога барањето за субвенционирање ќе биде целосно комплетирано.

Потребните документи за пријавување можат да се подигнат од архивата или од веб-страницата на Министерството за економија www.economy.gov.mk.

 

Содржината е прочитана 125 пати.