Бизнис вести

Стартува аплицирањето за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија

Право на учество на јавниот повик имаат претпријатија регистрирани како ТП, ДООЕЛ, ДОО од лица државјани на Република Македонија, кои ги исполнуваат условите дадени во конкурсот

вторник, 06 март 2018

Министерството за економија објави јавен повик за аплицирање за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија кои вработуваат над 3 лица.

Со оваа мерка се субвенционираат трошоци за набавка на опрема и алати (70 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 300.000 денари); за дизајн на производ и изработка на визуелен идентитет на производот/услугата – веб-страница, за дизајн на логотип, рекламен материјал и учество на домашни саеми во текот на 2017 (70 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари) за секоја од двете мерки. За оваа мерка, во согласностс со Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2018 година, предвидени се 20.000.000 денари, а кофинансирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2016, 2017 и во 2018 година, освен за намената учество на домашни саеми во текот на 2017 година.

Од Министерството појаснуваат дека субвенциите не се наменети за кофинансирање трошоци што претходно веќе биле кофинансирани преку мерките од Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2016, 2017 и за 2018 година за набавка на потрошен материјал, возила и компјутери и компјутерска опрема, за износот платен за ДДВ за намените за кои се бара кофинансирањето; за царина за намените за кои се бара кофинансирањето; за курсни разлики; за закупнина за деловен простор; за трошоци чие плаќање е направено со компензација.

Ако се случи претпријатието што аплицира за кофинансирање да престане со вршење дејност пред истекот на една година од датумот на добивање на средствата, основачот на фирмата има обврска да врати 80 проценти од доделените финансиски средства по основ на предвидените намени во период од 12 месеци, што ќе биде предмет на проверка од страна на Министерството за економија преку Централниот регистар.

Право на учество на јавниот повик имаат претпријатија регистрирани како ТП, ДООЕЛ, ДОО од лица државјани на Република Македонија, кои ги исполнуваат следните услови: работење во траење од најмалку 3 месеци пред објавувањето на јавниот повик, да имаат деловно седиште на територијата на Република Македонија, да имаат минимум 3 вработени на неопределено полно работно време и намирени обврски кон државата и вработените.

Овие субвенции не се наменети за претпријатија чија претежна дејност e земјоделство шумарство и рибарство; рударство и вадење камен; снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (освен 45.20); транспорт и складирање (освен 52.10, 53.10 и 53.20); објекти за сместување и сервисни дејности со храна (освен 56.21); финансиски дејности и дејности на осигурување; административни и помошни услужни дејности (77.22, 81.2, 82.19 и 82.92); образование; дејности на здравствена и социјална заштита; уметност забава и рекреација (90.03, 93.13 и 93.21); други услужни дејности (освен 95.1, 95.2 и 96); дејности на домаќинствата како работодавци, дејности на домаќинствата што произведуваат разновидна стока и вршат разни услуги за сопствени потреби; дејности на екстратериторијални организации и тела; правни и физички лица што вршат дејност како сметководители, ревизори, адвокати, нотари, извршители, стечајни управници и проценители; претпријатија над кои е поведена стечајна постапка или ликвидација.

Јавниот повик е отворен до 31.8.2018 година, а изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, ќе се прави по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно по редослед на поднесување на апликациите, се до исцрпување на расположивите средства. Потребните документи за пријавување може да се подигнат од архивата или од веб-страницата на Министерството за економија www.economy.gov.mk.

 

Содржината е прочитана 123 пати.