Бизнис вести

Финансискиот систем е стабилен, банките се отпорни на шокови

На петтата седница на Комитетот за финансиска стабилност било потенцирано дека во првите два месеца оваа година повратот на ДДВ е за 56 проценти поголем во однос на лани и оти тој се врши неселективно

понеделник, 05 март 2018

Финансискиот систем е стабилен, со минимални системски ризици. Банките со својата висока капитализираност и ликвидност се стабилни и отпорни на шокови, а краткотрајната нестабилност предизвикана од домашните политички превирања во април и мај минатата година е целосно надмината.

Ова било заклучено на петтата седница на Комитетот за финансиска стабилност, на кој присуствуваа министерот за финансии, Драган Тевдовски и гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.

„На седницата се изнесоа и основните принципи на европската директива за закрепнување и решавање на банка со проблеми при што се разгледаа условите за нејзина примена во РМ, како и можностите за назначување орган надлежен за решавање на овие банки. Исто така, беше разгледан растот на кредитирањето од страна на финансиските друштва“, соопшти Народната банка.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски истакна дека финансискиот систем е стабилен, функционира нормално и ќе обезбеди поддршка за раст на македонската економија. Тој потенцираше дека во првите два месеци оваа година повратот на ДДВ е за 56 проценти поголем во однос на истиот период лани и оти тој се враќа неселективно.

„Првпат од кризата, во последните осум години имаше намлување на државниот и јавниот долг во релативен износ. Обезбедивме еврообврзница во најоптимално време и по најдобри можни услови, а според последните податоци, враќањето на повратот на ДДВ кон фирмите се врши неселективно и брзо. Ако ги погледнете месеците јануари и февруари годинава, во однос на истите месеци минатата година, повратот на ДДВ е поголем за 1,4 милијарди денари. Тоа значи дека бргу се враќа ликвидноста во фирмите, тие да работат, имаат активност и да инвестираат“, рече Тевдовски.

Според гувернерот на НБМ, Димитар Богов, ризиците во банкарскиот систем се минимални, банкарскиот сектор е особено добро капитализиран, високо ликвиден и подготвен да ја поддржи македонската економија.

„Условите се стабилни веќе подолг период, банките се високо ликвидни и неопходно е да се врати довербата кај инвеститорите, да се зголеми побарувачката за кредити, а банките се подготвени и може да ги испорачаат кредитите, но потребни се квалитетни проекти и посилна инвестициска активност“, рече Богов.
 

Содржината е прочитана 131 пати.