Инфо

Трговската размена во јануари 980,7 милиони евра, растат и извозот и увозот

Извозот изнесувал 420.606.000 евра и бележи пораст од 27,9 отсто во однос на истиот период лани, а увозот достигнал 560.136.000 евра, што еи 24,2 отсто повеќе

понеделник, 05 март 2018

Вкупната надворешна трговска размена на Македонија во јануари годинава е 980,7 милиони евра. Раст бележат и извозот и увозот. Според Државниот завод за статистика, извозот изнесувал 420.606.000 евра и бележи пораст од 27,9 отсто во однос на истиот период лани, а увозот достигнал 560.136.000 евра, што е 24,2 отсто повеќе.

Трговскиот дефицит во јануари 2018 година е 139.529.000 евра, додека покриеноста на увозот со извоз изнесува 75,1 отсто.

Размената по производи покажува дека најмногу се извезуваат катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и облека.

Во увозот најмногу се застапени платината и нејзини легури, нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатовалани производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, како и други метали од платинската група и нивни легури.

Во јануари годинава, според вкупниот обем на размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Бугарија и Србија.

Преземено од МИА
 

Содржината е прочитана 101 пати.