Култура

„Обликот на водата“ со 4 оскари и 13 номинации е апсолутен победник на Оскарите

Годинашното 90-то јубилејно издание на „Оскарите“ беше во знакот на актуелните кампањи против сексуалното вознемирување #МеТоо и половата нерамноправност #TimesUp, а се носеа и портокалови беџови против оружјето.

понеделник, 05 март 2018

Филмот „Обликот на водата“, на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо е најдобриот филм на годинашните јубилејни 90-ти Оскари. На церемонијата што се одржа во „Долби“ театарот во Лос Анџелес, филмот на дел Торо беше номиниран во 13 категории, а доби награди во четири. „Обликот на водата“, кој говори за една немоќна жена која се вљубува во мистериозно водно суштество заробено во владина лабораторија, освои Оскар за најдобар филм, за најдобар дизајн на продукција и за најдобра оригинална музика, додека Гиљермо Дел Торо го доби признанието за најдобар режисер.

Оскар за најдобар машки актер освои Гери Олдман за неговата улога како британскиот лидер Винстон Черчил во филмот „Најмрачниот час“, а за главна женска улога наградата отиде во рацете на 60-годишната Френсис Мекдорманд, која во филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ маестрално ја одигра улогата на борбена мајка по смртта на својата ќерка.

За најдобра споредна женска улога признанието го доби Алисон Џени, која во биографската драма „Јас, Тоња“ ја глуми амбициозната мајка на американската натпреварувачка во уметничко лизгање Тоња Хардинг, додека Сем Роквел од „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ доби Оскар за споредна машка улога на расистички полицаец во малиот американски град.

Оскарот за најдобро оригинално сценарио го доби „Излези“, додека за адаптирано сценарио „Повикај ме со твоето име“. За најдобар филм од неанглиско подрачје е прогласен чилеанскиот „Фантастична жена“, најдобар документарец филмот „Икар“, а во категоријата анимирани филмови победи „Коко“, кој доби оскар и за најдобра песна „Remember Me“.

Во техничките категории со најмногу награди се закити историската драма „Данкирк“, кој освои три Оскари - за најдобра монтажа, за најдобра монтажа на звук и за микс на звук. Две награди, за најдобра фотографија и за визуелни ефекти доби новото продолжение на култниот „ Блејд ранер 2049“.

Домаќин на 90-тото, јубилејно издание на „Оскарите“ беше Џими Кимел. Годинава церемонијата помина без скандали, за разлика од лани кога беше направена грешка при прогласувањето на најдобриот филм. Затоа, пак, овој пат, се беше во знакот на актуелните кампањи против сексуалното вознемирување #МеТоо и половата нерамноправност #TimesUp, а се носеа и портокалови беџови против оружјето.
 

Содржината е прочитана 66 пати.