Бизнис вести

„Алкалоид“ лани со зголемена продажба, но и добивка

Компанијата во периодот јануари-декември 2017 година вложила вкупно 861.420.437 денари во основни средства, а реализирала и 143 нови вработувања

петок, 02 март 2018

„Алкалоид“ АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари-декември 2017 година, покажуваат неревидираниот единичен и неревидираниот консолидиран биланс на успех. Компанијата ја зголемила и продажбата и добивката, во текот на 12-те месеци вложила вкупно 861.420.437 денари во основни средства, а реализирала и 143 нови вработувања.

Според единичниот биланс на успех, во периодот јануари-декември продажбите достигнале 6.932.176.270 денари, што е 8 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година. Зголемена била и добивката и тоа за 8 отсто добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.305.754.848 денари, додека за 9 отсто е зголемена единичната нето-добивка, која изнесува 765.954.710 денари.

Во текот на минатата година вкупните консолидирани продажби достигнале 9.094.716.094 денари, што е 10 проценти повеќе отколку во 2016 година. Од нив 38 отсто се остварени на домашен пазар, а 62 отсто на странски пазари.
Најмногу е извезувано во земјите од Југоисточна Европа - 33 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД – 7 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и 1 отсто од продажбата е остварена на другите пазари.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество, дури 85 проценти заземаат производите од сегментот Фармација, од кои ОТЦ-препаратите имаат удел од 21 отсто, по што следуваат кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 14 отсто и т.н. Сегментот Хемија, козметика и билкарство учествува со 15 проценти во вкупните консолидирани продажби, од кои хемија учествува со 3 отсто, козметика со 9 и билкарство со 3 отсто.
 

Содржината е прочитана 123 пати.