Бизнис вести

Вкупно 178,1 милиони евра странски инвестиции во Македонија во последниот квартал од 2017 година

Најмногу пари, 37 милиони евра дошле од Германија, од Австрија влегле 24 милиони, потоа следуваат даночните оази Сент Винсент и Греандини со 20 милиони, па Луксембург со 17 и Хрватска со 15 милиони евра

петок, 02 март 2018

Во последните три месеци од минатата 2017 година во Македонија влегле 178,1 милиони евра странски директни инвестиции. Тоа е повеќе отколку во вториот и во третиот квартал, кога имаше пад од 60,5 милиони евра, но е за цели 110 милиони евра помалку во споредба со претходната 2016 година.

Податоците на Народната банка на Македонија, (НБРМ) покажуваат дека лани странските компании вложиле вкупно 229 милиони евра во земјава. Најголем дел од вложувањата биле резултат на реинвестирање на добивката и должнички инструменти на веќе присутните инвеститори. Најмногу пари, 37 милиони евра дошле од Германија, од Австрија влегле 24 милиони, потоа следуваат даночните оази Сент Винсент и Греандини со 20 милиони, па Луксембург со 17 и Хрватска со 15 милиони евра.

Најмногу од парите биле вложени во услуги, дури 67 милиони евра, во рударството се вложени 34 милиони, кај активности во врска со недвижен имот повеќе од 21 милион евра, во трговија 19, во земјоделство речиси 10, во административни и помошни дејности 9 милиони евра и т.н.

Претходното намалување на странските директни инвестиции, според аналитичарите е последица од политичката криза, период кога фирмите тактизираа во очекување на решавање на проблемите во земјава. Закрепнувањето, пак, во последниот квартал од минатата година укажува на позитивни очекувања на странците за идниот економски раст во Македонија.
 

Содржината е прочитана 98 пати.