Бизнис вести

Владата преку еквити фондови ќе ги поддржува малите и средни претпријатија

Прв пат државата ќе ги поддржи малите и средни претпријатија станувајќи нивен партнер и ќе учествува во нивната сопственост до 25 проценти за што се обезбедени 50 милиони денари, а во владина постапка е релокација на уште 400 милиони денари неискористени средства

четврток, 01 март 2018

Преку три јавни повика со вкупно 645 милиони денари Владата ќе го поддржува иновативниот и претприемачки дух кај микро, малите и средни претпријатија.

Дополнително, прв пат државата по примерот на Израел, ќе ги поддржи малите и средни претпријатија со што ќе стане нивен партнер и ќе учествува во нивната сопственост до 25 проценти. За оваа намена веќе се обезбедени 50 милиони денари, а во владина постапка е релокација на уште 400 милиони денари неискористени средства, со што за реализација на оваа мерка ќе бидат обезбедени вкупно 450 милиони денари.

„Тоа се т.н. еквити фондови. Кога компаниите се мали и ризични, државата детерминира средства во фондот и ќе влезе во нивниот капитал до 25 проценти од сопственоста. Државата тоа ќе го направи согласно критериуми и проценка од страна на стручен тим кој ќе ја процени идејата за развој на бизнис“, појасни денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Дел од мерките за поддршка се и 30 проценти поврат на средства за изградба на хали и набавка на опрема за брзорастечките компании т.н. газети, како и покривање на 70 проценти од трошоците за развој на нов производ. Планирана е и поддршка за стручно усовршување за нововработените лица.

„Ги повикувам сите, а посебно младите, да ја препознаат оваа програма и силно да инвестираат. Да останат во нашата држава и да покажат капацитет на претприемништво, а државата ќе им биде партнер и ќе ги помогне со целиот свој капацитет“, рече Анѓушев.

Мерките се дел од Среднорочната програма на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за периодот од 2018 до 2020 година, усвоена на последната владина седница.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски појасни дека условите што треба да ги исполнат компаниите кои ќе аплицираат се дефинирани за секоја мерка посебно.

Покрај сите овие мерки, обезбедени се и средства преку Програмата за конкурентност, иновации и претпремништво што ја спроведува Министреството за економија.

Преземено од МИА

 

Содржината е прочитана 145 пати.