Бизнис вести

„Кунико рисорсис“ ја тужи Македонија пред арбитражниот суд во Вашингтон

Поранешниот сопственик на „Фени индустри“ покренал тужба пред независниот трибунал на Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови на Светска банка поради тоа што смета дека продажбата на комбинатот е извршена спротивно на договореното и законските прописи

четврток, 01 март 2018

Поранешниот сопственик на „Фени“ индустри“, „Кунико рисорсис" покренал тужба против Република Македонија пред арбитражниот суд во Вашингтон. Компанијата смета дека продажбата на кавадаречкиот комбинат била извршена спротивно на договореното и законските прописи. Тужбата е поднесена само два дена откако беше рестартирано производството во „Фени“.

Од Владата потврдуваат дека е поднесена тужба, но не откриваат детаљи. Пред независниот трибунал на Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови на Светска банка, Македонија ќе ја брани интернационалната компанија „White and case“ од Вашингтон, која има искуство во над 100 инвестициски арбитражни спорови.

„Со цел заштита на правата и правните интереси на Македонија по повод поведената арбитражна постапка, Владата пристапи кон активности за заштита на интересите на државата. Формирано е координативно тело за да се надмине затекнатата состојба со некоординираност на институциите во врска со овие постапки“, рече Миле Бошњаковски, портпарол на Владата, уверувајќи дека оваа постапка, која што вообичаено трае многу долго, нема да влијае на обидот да се најде нов инвеститор за комбинатот.

Инаку, „Кунико ресорсис“ го презеде „Фени“ во 2004 година. Комбинатот отиде во стечај пред шест месеци поради финансиски проблеми, само долгот кон банките изнесуваше 40 милиони евра. Банките доверители не му дозволија на сопственикот да ја продаде фабриката на бугарски „Енекод“. Во меѓувреме, финансиската полиција поднесе неколку кривични пријави против поранешниот директор на „Фени“, Јусуф Мирахмедов за отпишани фактури за продажба на руда во висина од преку 50 милиони евра. Иста толкава сума бараше „Кунико“ да ѝ бидат признаени како стечајни побарувања, но стечајниот управник го одби тоа. А, додека трае стечајната постапка, доверителите решија со „Фени“ да работи швајцарскиот фонд „Фос асет менаџмент“, кому му го дадоа комбинатот под наем и кој пред два дена го рестартираше производството.
 

Содржината е прочитана 149 пати.