Инфо

Македонија во портокалова фаза поради студот

Поларниот бран ги мобилизираше надлежните, па Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство излезе со препораки за тоа како граѓаните да се однесуваат при вакви временски услови

четврток, 01 март 2018

Македонија од денеска е во портокалова фаза поради студот што ја зафати целата територија. Утринските температури се спуштија до минус 17 степени, а дневните ќе се искачат до максимум пет степени, во најјужните делови. Во најголем дел од територијата, сепак, ќе останат под нулата.

Поларниот бран ги мобилизираше надлежните, па Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство излезе со препораки за тоа како граѓаните да се однесуваат при вакви временски услови.

Прво, се препорачуваа да се ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години. За оние кои работат на отворено, како што се, на пример работниците на градилиштата, се препорачува реорганизација на работното време од 10 до 16 часот, со повремени паузи по половина час во топли простории на секои два часа.

Комисијата апелира граѓаните да избегнуваат физичка активност на отворено, а при движење да се внимава на лизгави површини и да се носи топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз, како и почесто да се конзумираат топли напитоци. Хронично болните лица треба редовно да ја земаат препишаната терапија. Во случај на настинка и потешкотии на дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

Според УХМР, студеното време ќе продолжи и денеска и во ноќните часови. Во Скопје ќе преовладува променливо облачно, ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер и иако ќе има сончеви периоди, температурата ќе биде во минус во текот на целиот ден. Утринската температура ќе се симне до минус 15 степени, а дневната ќе се искачи само до -2 степена.

Во текот на ноќта, почнувајќи од запад, ќе има врнежи од снег, кои до петок претпладне на некои пониски места ќе поминат во дожд, но локално ќе има и појава на замрзнат дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер.

Значително затоплување се очекува за време на викендот, што, пак, ќе услови нагло топење на снежната покривка. Сепак, локално ќе врне и слаб дожд.
 

Содржината е прочитана 151 пати.