Бизнис вести

Државата обезбедува милијарда денари за поддршка на вработувањето

Преку програмите за вработување ќе бидат опфатени 9.511 лица, а преку услугите на Агенцијата за вработување над 16.000 луѓе. Грантовите за самовработување се движат од 4.500 евра за поединец, до 10.000 евра за здружување

среда, 28 февруари 2018

Една милијарда денари ќе обезбеди државата за зголемување на вработеноста преку мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година. Преку програмите за вработување ќе бидат опфатени 9.511 лица, а преку услугите на Агенцијата за вработување над 16.000 луѓе.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска појасни дека е предвидена поддршка за самовработување на невработени лица, невработени млади лица до 29 години, невработени инвалидни лица, потоа субвенционирање плати, како и посебен пилот-проект „Гаранција за млади“ што ќе се спроведува во три општини – Скопје, Струмица и во Гостивар, а чија цел е на младите лица од 15 до 29 години во период од четири месеци да им се понуди вработување, континуирано образование и обука и практиканство.

„Грантовите за самовработување се поставени флексибилно, од 4.500 до 5.000 евра за поединец, до 10.000 евра за здружување. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 1.176 лица. Годинава се дава можност и за комбинација на неколку мерки. Тоа значи дека, на пример, доколку некое лице посетува обука и добие квалификација за некоја работа, може да се вклучи и во мерката за субвенционирано вработување“, рече Царовска.

Со оперативниот план ќе се создадат услови за креирање нови работни места и за зголемување на вработувањето на невработените лица. Исто така, предвидени се и мерки и програми за вработување на ранливи категории граѓани. Корисници на поддршката за вработување на инвалидни лица можат да бидат оние кои самостојно вршат дејност како трговец поединец, работодавач или, пак, се во својство на работадавач, трговски друштва за вработување на инвалидни лица, државна администрација, локална самоуправа, јавни претпријатија.

Царовска потенцираше дека од исклучителна важност е што по создавањето на законската основа се планирани и програми за обуки на 100 персонални асистенти кои ќе бидат обучени преку оперативните програми, а понатаму ќе бидат ангажирани преку програмите на Министерството.
 

Содржината е прочитана 222 пати.