Бизнис вести

Во градежништвото нема место за импровизации, мора да се применуваат ФИДИК-договори и за домашни проекти

Асоцијацијата на инженери консултанти на Македонија (АЦЕМА) во наредниот период ќе спроведува обуки на домашните инженери за да се подобри нивната конкурентност

понеделник, 26 февруари 2018

Во градежништвото нема ниту најмал простор за импровизации, па оттаму примената на ФИДИК договори треба да биде задолжителна и за домашните проекти. Но, дали поради недоволно познавање на овие договори, или поради некои други причини, факт е дека во македонското градежништво речиси и да не се применуваат критериумите што ги пропишува Меѓународната федерација на инженери консултанти (ФИДИК) во однос на роковите и одговорностите на инвеститорот, изведувачот и на надзорот. Ова особено е присутно кај проекти што не се финансирани од некоја меѓународна финансиска институција. Поради тоа Асоцијацијата на инженери консултанти на Македонија (АЦЕМА) во наредниот период ќе спроведува обуки на домашните инженери за да се подобри нивната конкурентност.

„Целта на Асоцијацијата е да ги донесе светските искуства и знаења во Македонија. ФИДИК-договорите се разликуваат од домашните затоа што во нивната изработка учествуваат стручњаци од цел свет, директни претставници на изведувачи, инвеститори и на проектанти. Тие создаваат форма на општи услови на договор кои би требало да не се менуваат од проект до проект, да бидат стандардни, а да се менуваат со посебни услови, коишто ја одразуваат специфичноста на подрачјата каде што се изведува проектот. Колку се помали тие посебни услови, толку се помали ризиците за настанување на спор на тој проект“, рече Денис Ризаов, менаџер за ФИДИК-договори и за оштетни побарувања во АД „Гранит“ Скопје, учесник на првата ФИДИК конференција во Македонија, што се одржува денеска во организација на АЦЕМА.

За големите градежни проекти што се реализираат со пари од меѓународните банки, употребата на ваков договор е задолжителна. Според ФИДИК договори се применети кај проектите за изградба на автопатите Кичево-Охрид, Свети Николе-Штип, Демир Капија–Смоквица, Скопје–Тетово...

„Еден современ инженер мора да има добри познавања од ФИДИК-договорите за да биде конкурентен на меѓународниот пазар на труд“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, укажувајќи на важноста од популаризација на овие договори во Македонија и тоа со вклучување во образовните програми.

Извршниот директор на ФИДИК, Енрико Винк нагласи дека најниската цена не е најважна при склучувањето на договорите.

„Треба да се види како да се идентификуваат ризиците во нашиот бизнис за да можеме да ги намалиме и како со нив да се справиме. Договорот не е само документ. Меѓународните стандарди се проектирани да се справат и со другите проблеми“, рече Винк.
 

Содржината е прочитана 101 пати.