Инфо

Заев не очекува поскапување на лебот

Премиерот верува дека годинава ќе има голема продуктивност, доволна понуда и државна интервенција

понеделник, 26 февруари 2018

Проблемите со мелничарите нема да го поскапат лебот. Премиерот Зоран Заев не очекува да се случи такво нешто, бидејќи верува дека ќе има доволна понуда и оти државата ќе интервенира.

„Се надевам дека продуктивноста ќе биде соодветна, ќе има доволна понуда, државата мора да интервенира. Јас на решението гледам преку модерните мерки кои што ги употребуваат земјите, а тоа се складишните белешки како вредносни хартии, што ги користат многу европски држави, многу земји производители на жито“, рече Заев.

Тој појасни дека се работи за можност кога преку давање складишна белешка од страна на државните институции, производителите можат да уновчат дел од тие складишни белешки поради сеидбената сезона, а всушност, продажбата на житото да биде тогаш кога цената е повисока, односно, наесен.

„Таквите механизми се решение на таа проблематика, за да бидат задоволни и доволно мотивирани производителите на жито, а секако тоа да нема влијание врз севкупната цена на лебот“, рече Заев.
 

Содржината е прочитана 109 пати.