Инфо

Владата почнува процедура за трет мобилен оператор

Министерот Дамјан Манчевски појасни дека се работи за мрежен оператор, а не за виртуелен за што се потребни сет на мерки и измени на некои подзаконски акти

петок, 23 февруари 2018

Владата влегува во процес на создавање услови за влез на трет мобилен оператор во земјава. Како што информира на денешната прес конференција министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, ова е една од клучните теми на која тој ќе разговара на ГСМ Саемот што од недела започнува во Барселона, Шпанија, во чии рамки ќе се дискутира и околу тоа како што е можно повеќе да се дигитализираат услугите за граѓаните во областа на образованието и здравството.

„Зборуваме за мрежен оператор, а не за виртуелен, за што се потребни сет мерки и измени на некои подзаконски акти. Сите овие активности ќе бидат правени паралелно со напорите да не ја нарушиме конкурентноста на пазарот, односно на другите два постоечки оператора во државата. Крајната цел е подобри услуги за граѓаните со пониски цени“, рече Манчевски.

Процесот, според најавите ќе се води централизирано од страна на ИКТ Советот, а се прогнозира дека би завршил за околу две години.

Манчевски појасни дека се размислува на заинтересираните компании да им се понуди постоечката мрежна инфраструктура што ја има Македонија, бидејќи нови инвестиции во ваков вид дејност се исплатливи за рок од дури 12 години.

„Тоа значи можност за изнајмување под одредени услови на мрежната инфрастурктура на компании како што се МЕПСО, Македониски железници и Македонска радиодифузија“, рече Манчевски.
Македонија во моментов е единствена земја во Европа во која има само два мрежни мобилни оператора.
 

Содржината е прочитана 116 пати.