Бизнис вести

Охридските угостители ќе плаќаат летна и зимска комунална такса

Угостителите и Општина Охрид со договорија во лето, поточно, од мај до октомври висината на таксата, во зависност од зоната да изнесува 10 денари, 7,5 денари или 5 денари за квадрат, а во зима да биде пет денари по квадрат

четврток, 22 февруари 2018

Општина Охрид и угостителите од градот се договорија околу начинот на плаќање на комунална такса, како и за висината на износот за поставување урбана опрема за тековната 2018 година.

Охридските угостители се согласија да постои летна и зимска цена на комуналната такса за вршење дејност и да ја плаќаат на почетокот на секој месец. Висината на таксата за летниот период од мај до октомври ќе изнесува 10 денари, 7,5 денари, односно пет денари за квадрат, во зависност од зоната, додека цената за зимскиот период ќе биде пет денари за квадрат за сите три зони.

Надоместокот за поставување урбана опрема на јавни површини ќе се наплаќа врз основа на склучен договор за краткорочен закуп и за времетраење кое корисниците го побарале пред склучување на договорот. Висината на надоместокот на месечно ниво ќе биде 300 денари за квадрат во зона А, 250 денари во зона Б и 200 денари квадрат за зона В (летно тарифирање), и по 150 денари за квадратен метар за трите зони во зимскиот период.
 

Содржината е прочитана 133 пати.