Бизнис вести

Мора да се зголеми процентот на репроматеријали што ги набавуваат странските инвеститори од македонските фирми

Со мерките од Планот за економски раст, Владата директно ја стимулира соработката помеѓу странските и домашните компании, но за да се постигне тоа мора да се зголеми конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија

четврток, 22 февруари 2018

Мора да се зголеми соработката меѓу странските директни инвеститори и домашните компании, која во моментов е многу мала. Странските инвеститори набавуваат од македонските фирми помалку од еден процент од репроматеријалите што ги користат и тој процент мора да се зголеми. Ова го истакна заменик премиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на тркалезната маса во Стопанската комора на Македонија, со која беше означен стартот на Проектот за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори.

Вицепремиерот потенцираше дека Владата креира мерки за поддршка преку кои се овозможува зголемување на соработката помеѓу домашните и странските компании што работат во Македонија. Но, за тоа, како што рече, потребно е македонските компании да обезбедат квалитет на своите производи и услуги, како и да постои економска логика.

„Во Планот за економски раст креиравме мерка преку која директно ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании. Доколку некоја странска компанија изврши набавки во висина од 15 отсто од вкупните набавки од македонски компании, Владата ќе обезбеди директна финансиска поддршка во висина од еден отсто од вкупно направените набавки на компанијата“, рече Анѓушев.

Тој појасни дека мерките од третиот столб на Планот за економски раст, наменети исклучиво за мали и средни претпријатија, ќе се спроведуваат преку Програмата за спроведување на стратегијата за иновации, којашто ќе се реализира преку Фондот за иновации и технолошки развој, а даваат значителна поддршка на компаниите за зголемување на нивната конкурентност.

„Како никогаш досега им се дава поддршка на малите и средните компании. Овие претпријатија, кои се компании до 250 вработени, имаат можност да добијат до 70 проценти од трошоците за инвестициските проекти за развивање нови производи кои би можеле да бидат наменети за некоја поголема компанија. Со тоа ги стимулираме компаниите за иновации и ја поттикнуваме нивната меѓусебна соработка. Исто така, на малите и средните претпијатија државата ќе им врати 30 отсто од средствата инвестирани во основни средства и хали, доколку се брзорастечки“, истакна вицепремиерот.

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер потенцираше дека ја поддржуваат транспарентноста и еднаквата поддршка на домашните и странските компании во Планот за економски раст.

„Домашните компании треба да ја слушаат побарувачката од страна на странските компании, а не само да нудат нешто на пазарот. Треба да стапат во контакт со странските инвеститори, да видат што се бара на пазарот и да ги задоволат нивните потреби“, рече Штефан.

Професорот Роберт Миновски од Машинскиот факултет во Скопје рече дека има голем простор за унапредување на одредни субјективни фактори кои се однесуваат на перформансите и работењето на домашните компании, особено од аспект на нивната продуктивност, ефикасност, рокови на испорака и квалитет на испорачани производи.

„Проектот што ќе го спроведат Советот на странски инвеститори и Стопанската комора, заедно со Машинскиот факултет има интенција да се фокусира токму во тој дел за да ја унапреди соработката помеѓу нашите и странските фирми. Една од неговите специфики е што се предвидени проекти во времетраење од шест месеци до една година со кои интензивно ќе се работи на конкретни проблеми во реалната индустрија и во реалните производствени процеси, со цел домашните компании на крајот од процесот да бидат на повисоко ниво на нивната компетитивност и да можат да остварат полесна соработка и со странските директни инвестициии“, рече Миновски.

Според Кочо Анѓушев, со новите мерки Македонија станува поконкурентна земја за инвеститорите. Како што истакна, фокусот во привлекување нови странски странски инвестиции ќе биде ставен на компании кои имаат готов производ и имаат можности да носат побрзи одлуки при избор на доставувачи, со што би се зголемила соработката со домашните производители.
 

Содржината е прочитана 163 пати.