Бизнис вести

„Скопски пазар“ ги изнајми сите маркети, ќе гради нов Бит-пазар

Компанијата го даде под наем целокупниот сопствен продажен простор на „КитГо“ и „Зур“, со што ќе остварува за 2,4 милиони денари поголем месечен приход

вторник, 20 февруари 2018

„Скопски пазар“ ги даде под закуп сите свои маркети и во иднина ќе се насочи кон изградба, продажба и издавање на станбено-деловен простор и кон организација на зелени пазари. Наскоро се очекува да стартува и со изградбата на новиот затворен Бит пазар во Скопје.

Пред извесен период „Скопски пазар“ затвори повеќе маркети „СП Маркет“ и „Макси Д“, а просторот го издаде на компаниите „КитГо“ од Штип и „Зур“ од Скопје. Сега со издавање на целиот сопствен деловен простор „Скопски пазар“ ќе остварува за 2,4 милиони денари месечно поголем приход.

Од „Скопски пазар“ велат дека новите закупувачи ги презеле сите вработени, а опремата во маркетите била продадена по пазарни услови.

„Веќе се склучени долгорочни договори за закуп на затворените простории со реномирани компании од малопродажната дејност. Добивме одобрение за изградба на пазарот Бит пазар, за што се чека правосилност на одобрението. Со оваа инвестициска активност ќе се овозможи целосно покривање на Бит пазар, нови тезги за корисниците прилагодени на дејноста, паркинг простор за 250 возила, како и нов деловен простор наменет за продажба на заинтересирани инвеститори. Инвестицијата се проценува на околу 3,5 милиони евра, а ќе се финансира од извори на друштвото“, велат од „Скопски пазар“.
 

Содржината е прочитана 282 пати.