Интервјуа

Со ХРОНО исхрана до идеална телесна тежина и до совршено здравје

Тематскиот ден „ДАМА-ДА – здравјето и убавината во функција на современата жена“ ви го претставува д-р Горан Николов, специјалист интернист-супспецијалист кардиолог, под чија палка функционира Центарот за внатрешни болести „Срце“ во Скопје, кој ќе говори на темата „Со ХРОНО исхраната до вита става и добро здравје“. А, во ова интервју детално објаснува што е ХРОНО исхрана, што се постигнува со неа и какви ефекти има на човекот

понеделник, 19 февруари 2018

МАРИЛИ: Центарот „Срце“ е приватна здравствена ординација за внатрешни болести. Кога е основан и какви се услуги пружа?
НИКОЛОВ:
Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“ е приватна здравствена организација основана во 2003 година, во која се извршуваат специјалистички/супспецијалистички дијагностички прегледи од областа на интерната медицина – кардиологија, гастроентерохепатологија, нефрологија, ендокринологија, ревматологија, ангиологија.
Во Центарот, исто така функционираат и кабинети за тироидеа, за дијабетес, периферна циркулација, хипертензија, за градна болка, аритмии, нефрологија и за гастроентерохепатологија.
Наши основни вредности и начела се стручност, доверливост, љубезност, точност и ефикасност. Опремени сме со најсовремена опрема и со тим од експерти, универзитетски професори кои се водечки стручњаци во своите области во Република Македонија. 

МАРИЛИ: Во Центарот ексклузивно, за прв пат во Македонија се спроведува Програма за ХРОНО исхрана – др.Гифинг, поточно, „Срце“ е единствена која поседува франшиза за примена на ваква исхрана. Што е, всушност, ХРОНО исхрана и што се постигнува со неа?
НИКОЛОВ:
Основната идеја за ХРОНО исхраната е исхрана во точно определено време. Доаѓа од грчкиот збор „хронос“, што значи време. Програмата за ХРОНО исхрана e базирана на основа на физиологијата, ендокринологијата, биохемијата и биофизиката, а е единствена во тоа што помага да се дојде до идеалната телесна тежина истовремено со постигнување идеално здравје.
ХРОНО исхрана е режим на исхрана според законите на природниот ритам на лачење на хормоните и ензимите во нашиот организам. Потребно е секој човек одредени видови намирници да ги користи во различен дел од денот, кога нивната искористеност за создавање енергија е највисока, а за формирање отпаден материјал е најмала. Нема ограничување на калориите и количеството на храна, туку програмата се заснова на принципот на гликемиски индекс и кисело-базичен режим. Најважно е времето на внесот и комбинацијата на храната.

МАРИЛИ: Секој човек, особено жените сакаат да имаат убава, вита линија, да јадат, а да не се дебелеат. Како да се постигне тоа, дали со правилно избалансирана храна земена во вистинско време? Како ХРОНО исхраната помага во остварување на тој сон?
НИКОЛОВ:
Урамнотежената и разновидна исхрана е основа на здравјето, а истовремено помага во регулирањето на телесната маса. Исхраната е единствената значајна одредница која е целосно под ваша контрола. Конечната одлука за тоа што ќе внесете, или нема да внесете во вашето тело. Многу е важно да одберете храна која ќе придонесе во подобрување на вашето здравје.
Програмата за ХРОНО исхрана овозможува за кратко време да ги научите принципите на здрава исхрана, правилен избор и комбинација на различните намирници и здраво да го изгубите вишокот килограми.

МАРИЛИ: Не постои добра и лоша храна, веројатно само добра и лоша исхрана. До што може да доведе погрешниот избор на храна, што е тоа интолеранција на храна и како да се препознае?
НИКОЛОВ:
Правилно избалансирана храна земена во вистинско време е секогаш добар избор. Погрешен избор на храна во одредено време од денот доведува до создавање метаболен отпад и труење на клетките на организмот. Ова со време предизвикува разни заболувања, на прво место настануваат метаболни нарушувања (шеќерна болест, како последица на исцрпеноста на панкреасот, пореметувања на липидниот статус – зголемени вредности на триглицериди и холестерол во крвта, а како последица на тоа заболувања на срецето и крвните садови, покачен крвен притисок, но и прерано стареење, разни форми на малигнитет, дегенеративни заболувања, гојност и т.н.).
Интолеранција на храна значи презаситеност на телото од одредени намирници кои ги внесуваме секојдневно, односно, одредени намирници на кои сме „интолерантни“ наместо да се претворат во енергија, се претвораат во метаболен отпад. Симптомите поврзани со интолеранцијата се многу поразлични од оние на класичните алергии и организмот може да реагира секогаш на различен начин од ист производ. Главоболка, пореметување на расположението, надуеност, запек и слично може да бидат едни од симптомите на интолеранција на храна. Избегнување на одредени видови храна може да доведе до значителни подобрувања на многу навидум неизлечиви, долгорочни хронични заболувања.

МАРИЛИ: За колку време се видливи резулатите од примената на ХРОНО исхраната?
НИКОЛОВ:
Резултатите од ХРОНО исхраната се видливи уште во тек на првите 28 дена, всушност, уште првата седмица пациентите се чувствуваат поенергично, повитално и им се намалуваат симптомите на подуеност. Особено е важно што секој човек може навреме да се насочи кон правилен начин на исхрана, а заболените од најчестите болести на денешницата, за 10 до 30 дена да ги намалат вредностите на холестеролот, триглицеридите и шеќерот.

МАРИЛИ: Колкав е процентот на успешност и има ли опасност од т.н. „јо-јо“ ефект, односно, враќање на тежината по завршување на ХРОНО исхраната? Како треба да се храни во иднина оној кој применувал ХРОНО исхрана?
НИКОЛОВ:
Резултатите покажуваат 100 отсто успех кај сите кои ќе се потрудат да ги научат основните правила на здрава исхрана. Најдобро од сѐ е што резултатите од Програмата за ХРОНО исхрана се трајни и никогаш не се јавува таканаречениот „јо-јо“ ефект – враќање на веќе загубената телесна тежина, а здравствените пореметувања се решаваат трајно. Навиките што ќе ги стекне секој човек кој го спроведува режимот на ХРОНО исхрана треба потоа трајно да ги применува. После постигнување на саканите резултати, секој човек добива насоки како трајно да го одржува своето здравје и идеалната телесна тежина. 

МАРИЛИ: Освен намалување на телесната тежина, какви ефекти има примената на ХРОНО исхраната врз здравјето на човекот?
НИКОЛОВ:
Со примена на принципите на ХРОНО исхраната, секој човек, покрај идеалната телесна тежина доаѓа и до совршено здравје. Ако веќе постојат здравствени проблеми, истите се решаваат со правилен начин на исхрана, а тоа е ХРОНО исхраната. Зборуваме за најчестите болести на денешницата, како покачени маснотии во крвта, покачен крвен притисок, дијабетес и др. Кај сите пациенти е забележано значително подобрување на здравствената состојба.

МАРИЛИ: Што покажува Вашата пракса, колку во Македонија се применува ХРОНО исхраната и дали главната причина е здравјето, или добриот изглед?
НИКОЛОВ:
Мислам дека двата проблема се подеднакво застапени во нашата држава. Младата популација најчесто тежнее кон добриот изглед, додека кај возрасните граѓани, пак, главната причина е секако здравјето. Меѓутоа, има слаби луѓе кои имаат здравствени проблеми, а и гојни луѓе кои немаат здравствени поблеми и истите треба да побараат стручен совет. Со оглед на тоа дека дебелината е се поголем проблем во Македонија и зафаќа се поголеми размери, не треба да се игнорира, бидејќи е болест на 21-иот век и со себе носи многу последици.
 

Содржината е прочитана 9930 пати.