Бизнис вести

Кере: Нема место за паника од нова финансиска криза по падот на берзите

Постојаниот член на Извршниот одбор на Европската централна банка уверува дека еврозоната е фокусирана да ги издржи таквите шокови, а тоа го прави со силна економија во однос на хартиите од вредност

петок, 16 февруари 2018

Нема место за паника од нова финансиска криза по падот на берзите изминатиот период. Постојаниот член на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Бено Кере, кој присуствува на Меѓународната конференција за монетарна политика и управување со финансиски средства, што на високо ниво се одржува во Скопје во организација на Народната банка на Република Македонија, истакна дека последните две недели генерално покажале дека глобалната економија и натаму е ризична и оти постојат ризици кои доаѓаат од различни места вклучувајќи ги и пазарите во развој, но дека ЕЦБ е фокусирана на тоа еврозоната да ги издржи таквите шокови.

„Ние сме фокусирани на еврозоната и на соседните земји вклучувајќи ја и Поранешната Југословенска Република Македонија. Едноставно, мора да создадеме такво финансиско опкружување каде ќе може цврсто да застанеме на нозе и да ги издржиме таквите шокови. Тоа се прави со силна економија во однос на хартиите од вредност“, рече Кере.

Според него, НБРМ добро ја поставила монетарната политика во земјата, со што соодветно одговорила на шоковите од финансиската криза што измина.

Кере уверува дека Европската централна банка нема да ги покачи каматните стапки, туку дека ги одредува соодветно со условите во регионот, посебно во еврозоната.

„Тие се различни од оние во САД и сакаме да се осигураме дека имаме соодветни финансиски услови во еврозоната кои се соодветни на економската ситуација. Имаме јасни политики во однос на деловниот циклус што се случува во еврозоната, за разлика од Америка, и нема да ги покачиме каматните стапки пред следниот циклус, што значи дека тие ќе останат на истото ниво“, рече Кере, одговарајќи на новинарско прашање.

Македонија е домаќин на меѓународна конференција која претставува глобален настан на кој светската финансиска елита разговара за глобалните макроекономски движења, за глобалниот раст, инфлацијата, геополитичките ризици, како и за поставеноста на монетарните политики на меѓународно влијателните централни банки и нивните ефекти врз финансиската стабилност и пазарните движења.

На конференцијата, на која се поканети околу 200 гости од кои 80 се од странство, присуствуваат важни личности чие мислење е многу значајно за светските финансиски текови. Меѓу високите претставници на ММФ, ЕЦБ и на СБ се и повеќе гувернери, вицегувернери, претставници на најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот „Блек Рок“, како и од една од најзначајните глобални банки „УБС“.

 

Содржината е прочитана 166 пати.