Бизнис вести

„Витаминка“ го купи „Брилијант“ за 7,3 милиони евра

Целта на инвестицијата е долгорочно обезбедување суровинска база за производство и зацврстување на друштвото како лидер во прехранбената индустрија во Македонија

четврток, 15 февруари 2018

Денеска „Витаминка“ АД Прилеп потпиша договор за купопродажба на имотот на „Брилијант“ од Штип со Комерцијална Банка АД Скопје во вкупна вредност од 7,3 милиони евра. Со договорот, „Витаминка“ станува сопственик на недвижен имот - објекти од 4.956 квадратни метри и земјиште со право на сопственост од 21.592 квадрати, потоа на подвижни ствари, како и пренос на права од индустриска сопственост (трговски марки и индустриски дизајн).

Целта на инвестицијата, како што соопштија од „Витаминка“ е долгорочно обезбедување суровинска база за производство и зацврстување на друштвото како лидер во прехранбената индустрија во Македонија.

„Со денешниот потпишан договор започнуваме и конкретни чекори за реализирање на нашата деловна стратегија што ќе овозможи понатамошен долгорочен развој. Инвестицијата е во насока на модернизација и автоматизација на техничко- технолошките процеси, комплементарност и интегрирање во производството, како и развој на нова група производи. Правиме еден голем чекор напред што ќе значи поголема и подобрена деловност на компанијата, максимално искористување на потенцијалите и зацврстување на позицијата на пазарот“, велат од „Витаминка“.

 

Содржината е прочитана 197 пати.