Бизнис вести

Новиот закон за јавни набавки со цревни знаменца ќе укажува на коруптивна набавка

Бирото за јавни набавки ќе врши претходна контрола на поголемите набавки, како и на набавки одбрани по одредени принципи и ризици утврдени во закон

среда, 14 февруари 2018

Со црвено знаменце ќе се алармира за евентуална можна корупција за одредена јавна набавка, а Бирото за јавни набавки ќе врши претходна контрола на поголемите набавки, како и на набавки одбрани по одредени принципи и ризици утврдени во закон.

Ова е предвидено во новото законско решение што ќе се дефинира откако ќе бидат слушнати забелешките од бизнис заедницата, а кое ќе треба да обезбеди заштита од корупција и контрола врз основа на која ќе се утврдува одговорност. Нацрт текстот на новиот Закон за јавни набавки денеска беше презентиран пред бизнисмените.

Директорот на Бирото за јавни набавки, Ѓорѓи Георгиевски рече дека во соработка со Светска банка се спроведува проект за црвени знаменца што ќе се вградат во електронскиот систем за јавни набавки.

„Ќе воведеме таканаречен систем на ‘црвено знаменце’ кој ќе укажува на можна корупција за одредена јавна набавка. Контролата на набавките ќе се врши системски и тоа е добро решено. Системот ќе одредува што ќе се контролира заедно со показателите на цревените знаменца и можно е тоа да биде петата или десетата јавна набавка“, рече Георгиевски.

Тој потенцираше дека во контролата на набавките ќе бидат вклучени и други институции како што се Антикорупциската и Антимонополската комисија. Додаде дека законот предвидува да се воведе електронски пазар на мали јавни набавки во вид на електронски каталог, што ќе овозможи нивно ефикасно решавање.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека целта на новиот закон е да обезбеди полесна постапка за јавни набавки, да ја зајакне контролата и да обезбеди поголема транспарентност на постапките.

„Во согласност со европските правила и пракса, новиот закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. Притоа договорниот орган, зависно од предметот на набавка сам ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот, или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот“, појасни Тевдовски.

Тој потенцираше дека во новиот закон се вградуваат и забелешките на Европската комисија и на домашната стручна јавност во поглед на електронските аукции кои порано дале добри резултати во некои случаи, но во одредени постапки довеле до незаконско договарање меѓу понудувачите и до пораст на цените поради отсуство на вистинска конкуренција.

Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека е добар потег што стопанствениците се вклучени во подготовката на законот и очекуваат нивните забелешки да бидат вградени во новиот текст на законот кој треба да биде ефикасен и лесно применлив и да го олесни организирањето на набавките.

Според СИГМА, заедничка иницијатива на ЕУ и на ОЕЦД за помош на државите од регионот во подобрување на јавното управување, македонскиот систем за јавни набавки е во согласност со главните обврски на ЕУ, но се уште е премногу бирократски, фокусиран на формалности и многу често се занемарува ефикасноста.
 

Содржината е прочитана 185 пати.