Бизнис вести

„Продис“ ќе плати пенали од над 150.000 евра за неисполнети обврски

Руската фабрика за производство на хомеопатски лекови, органски и неоргански производи и чаеви требаше да вработи најмалку 100 луѓе во една година, но за две години биле вработени само 40 лица

среда, 14 февруари 2018

Фармацевтската компанија „Продис“ ќе ѝ плати 156.840 евра оштета на државата поради неисполнети обврски од договорот за инвестирање во ТИРЗ Скопје. Како што рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, „Продис“ имала обврска да вработи најмалку 100 луѓе во една година, но во 2015 и 2016 не го испочитувала договорот.

„Согласно податоците што ги имаме, биле вработени 40 лица во текот на овој период. Заради тоа Агенцијата за странски инвестиции почна постапка за наплата на средства поради активирање договорени пенали за овие две години“, рече Бошњаковски.

Фабриката за производство на хомеопатски лекови, органски и неоргански производи и чаеви „Продис“, како инвестиција на рускиот фармацевтски холдинг „Протек груп“ беше отворена во октомври 2012 година, но веќе во 2015 вработените почнаа да се жалат дека со месеци не земаат плата, дека производството е запрено, а магацините се полни со залихи. Иако менаџментот тогаш уверуваше дека се бара нов сопственик, во 2016 година погонот беше затворен.
 

Содржината е прочитана 142 пати.