Инфо

Ако ЕУ го укине летното и зимско сметање на времето, Македонија ќе се усогласи со таквата одлука

Пред да се донесе конечна одлука дали и Македонија ќе ја укине променсата на времето, треба да се направат детаљни анализи за тоа какви ефекти би предизвикала ваквата промена врз нашето стопанство

вторник, 13 февруари 2018

Доколку Европската комисија одлучи да го укине летното и зимското сметање на времето, логично е тоа да се примени и во Македонија. Бизнисмените од државава се во очекување на одлуката на Европската комисија, бидејќи, ако се случи тоа, а Македонија не се усогласи со таквата одлука, лесно може да дојде до пореметување во соработката. Бидејќи Европската унија е најголемиот надворешен трговски партнер на Македонија, над 80 отсто од македонскиот извоз е насочен кон европскиот пазар.

„Доколку Унијата одлучи да се усогласи ваквото сметање на времето, тогаш за очекување е дека би требало да се размислува во тој правец и кај нас, за да нема разлики во соработката со компаниите од тие пазари. Сепак, треба да се направат многу пошироки детаљни анализи за тоа какви ефекти би предизвикала ваквата промена на времето врз нашето стопанство“, рече Билјана Пеева Ѓуровска од Стопанската комора на Македонија.

Таа потсети дека законското решение што се применува кај нас од 1996 година за утврдување на зимското и летното сметање на времето е направено, пред се, за да се постигнат поголеми заштеди на електричната енергија и за повеќе користење на дневната светлина.

Европа воведе зимско и летно сметање на времето во 1970-ите години на минатиот век со цел да се заштеди енергија. Сега, по безмалку 50 години од таквата одлука, европратениците гласаа за укинување на летното сметање. Против беа 154 пратеници, но одлуката ја донесе мнозинството од 384, кои гласаа „за“. Нивното образложение беше дека промената на времето двапати годишно има негативно влијание врз човековиот биоритам и здравје, влијае на зголемување на сообраќајни несреќи, на пад на продуктивноста на работното место... Некои тврдат дека не само што нема заштеда на електрична енергија, туку дека во топлите летни ноќи дури се троши и повеќе енергија поради работењето на клима уредите и вентилаторите.

Сепак, некои аналитичари сметаат дека летното сметање е поволно, бидејќи тогаш е регистрирано намалување на криминалот, транспортот се реализира побрзо и поквалитетно заради поголемата видливост, а земјоделските активности се реализираат навреме.

Последниот збор за тоа дали ќе се укине летното сметање на времето го има Европската комисија која треба да даде „зелено светло“ на одлуката на Парламентот.

Инаку, летното и зимското сметање на времето се применува во 60 земји низ светот, додека е укинато во Русија, Турција, Белорусија и во Исланд.

 

Содржината е прочитана 45 пати.