Бизнис вести

Македонија е подготвена за евентуална нова криза на светските финансиски пазари

Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов уверува дека се преземени низа мерки за зајакнување на банкарскиот сектор и на домашната економија

понеделник, 12 февруари 2018

Македонија е подготвена за евентуални нови турбуленции на светските финансиски пазари, а во изминатиот период се преземени низа мерки за зајакнување на домашната економија. Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов предупреди дека се можни турбуленции и во Македонија откако минатата недела имаше остар пад на американската, а потоа и на европската и на азиската берза и дека македонската економија треба да биде внимателна.

„Во изминатиот период ние презедовме низа мерки со кои го зајакнавме банкарскиот сектор. Последните години имаме намалување на буџетскиот дефицит, а верувам дека во наредниот период ќе дојде и до стабилизирање на јавниот долг. Фактот што во јануари беше издадена еврообврзница во многу поволен амбиент, е позитивен сигнал и укажува дека се обезбедени финансии до средината на наредната година. Сето тоа дава уверување дека македонската економија е добро подготвена за вакви турбуленции кои може да се случат на светските финансиски пазари“, изјави Богов.

Тој нагласи дека покрај сигналите од Америка и Европа, НБМ ги зема во предвид и случувањата во Македонија. Иако Америка постепено ги зголеми каматите, а Европа почнува со постепено намалување на количината на пари во оптек и најверојатно од следната година ќе почне со зголемување на каматите, во Македонија засега нема да има корекции на референтната каматна стапка.

„Ги следиме сите економски параметри, каков е платниот биланс, каква е фискалната политика, какви се вкупните ризици во македонскта економија. Тоа го следиме на дневно ниво и во зависност од тоа ја поставуваме нашата монетарна политика. Во моментов амбиентот е доста поволен за монетарната политика. Во Македонија ние секогаш водиме сметка нашата референтна каматна стапка да има одредена маргина во однос на каматната стапка на Европската Централна Банка. Фактот што ЕЦБ нема да ја зголемува својата каматна стапка во догледен период, дава уверување дека и ние во догледно време нема да имаме потреба да ја зголемуваме нашата референтна каматна стапка“, рече гувернерот Богов.
 

Содржината е прочитана 225 пати.