Бизнис вести

Заев: Нашата цел е трговијата со Турција да биде една милијарда евра

На заедничката вечера со бизнисмени од Турција, што ја организираше Сојузот на стопански комори и берзи на Турција, премиерот ги повика турските бизнисмени да инвестираат во Македонија, бидејќи со перспективите за поголема соработка може да има и поголем профит за компаниите и нови работни места за граѓаните

понеделник, 12 февруари 2018

„Турција е шеста земја според инвестициите во Македонија. Трговската размена изнесува 456 милиони евра, а нашата цел е за неколку години да биде една милијарда евра“, рече премиерот Зоран Заев на заедничката вечера со бизнисмени од Турција што ја организираше Сојузот на стопански комори и берзи на Турција (ТОББ).

Посочувајќи дека постојат можности за унапредување на економската соработка меѓу двете држави, Заев ги повика турските бизнсмени да инвестираат во Македонија, истакнувајќи дека со перспективите за поголема соработка може да има и поголем профит за компаниите, но и нови работни места за граѓаните.

„Тука сме да пренесам отворена покана за инвестирање во Македонија. Свесен сум дека мојата земја ќе има напредок ако се развиваат приватниот сектор и инвестициите. Сакам да ви пренесам дека постои амбиент за инвестирање во нашата земја. Со околу 35 инвеститори сме пред договор, со 10 имаме потпишано договори, а има стотици заинтересирани“, рече Заев и ги наведе земјоделството, енергетиката и градежништвото како обасти за продлабочување на соработката.

Притоа тој ги истакна еднаквиот третман кон странските и домашните инвестиции во Македонија, олеснувањата кај данокот на добивка и персоналниот данок, годишниот буџет од 55 милиони евра за секоја инвестиција во домашното стопанство. Заев потенцираше дека веќе постои правна регулатива за соработка меѓу двете држави, но појасни дека ќе има унапредување на постојните договори, како тој за слободна трговија, што е едно од очекувањата на бизнис заедницата во Турција.

„Има околу 100 турски инвестиции во Македонија, но има уште многу што да се направи. Македонија се наоѓа во срцето на Југоисточна Европа, цели кон ЕУ и работи на тој пат, а тоа значи отворен пазар од 650 милиони луѓе“, рече потпретседателот на ТОББ, Фаик Јавуз, охрабрувајки ги турските бизнисмени да инвестираат во Македонија.
 

Содржината е прочитана 22 пати.