Интервјуа

Се што се продава во Македонија треба да има декларација на македонски јазик

Интервју со госпоѓа Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија: „Доколку декларацијата не ги содржи потребните информации, или не е на македонски јазик, потребно е да се покрене постапка пред Државен пазарен инспекторат, а ако се однесува на храната, да се пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство

понеделник, 12 февруари 2018

МАРИЛИ: Се што се продава на македонскиот пазар мора да има соодветна декларација. Што треба да содржи декларацијата на еден прехрамбен производ, а што на текстилен и на обувки?
ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА:
Прашањето околу тоа кои податоци треба да ги содржи декларацијата на прехрамбените производи, односно на сите останати видови производи е уредено со Законот за безбедност на храната, со Правилникот за начинот на означување на храната и со Законот за заштита на потрошувачите. Имено, согласно член 29-г од Законот за безбедност на храната и Правилникот за означување на храната, следните основни податоци и информации за храната се задолжителни :
• Името на храната;
• Списокот на состојки;
• Секоја состојка или помошно технолошко средство кои предизвикуваат алергии или нетолерантности кои се употребуваат во производството или подготовката на храната и се уште се присутни во крајниот производ, дури и во изменета форма;
• количество на одредени состојки или категории на состојки;
• нето-количина на храната;
• рок на трајност, или датумот за „употребливо до“;
• посебни услови за чување и/или услови за употреба;
• име или деловно име и адреса на операторот со храна;
• земја на потекло или место на потекло;
• упатство за употреба кога е потребно за правилно да се употреби храната;
• кај пијалаците кои содржат повеќе од 1,2% алкохол по волумен, се означува реалната јачина на алкохолот по волуменски проценти
• информација за хранливата вредност на храната.
Што се однесува до сите останати производи, согласно член 23 од Законот за заштита на потрошувачите декларацијата треба да ги содржи следните информации:
• назив на производот, односно име под кое производот се продава;
• состав на производот;
• начин на одржување на производот;
• начин на употреба на производот;
• индустриски дизајн, трговска марка или ознака на производот, ако се смета како битен елемент на производот;
• фирма и седиште на производителот, односно на трговецот, доколку има своја трговска марка за производот и се претставува како производител, а за увозните производи и фирма и седиште (полна адреса) на увозникот, како и земјата на потекло;
• предупредување за можна опасност при употреба, доколку таква опасност постои;
• изјава на производителот за постоење на изменети својства на производите, состојци на деловите и додатоците, односно за какви измени се работи;
• изјава на производителот за усогласеност на производите со пропишаните услови.

МАРИЛИ: Дали секој производ треба да има декларација и на македонски јазик и што е со оние кои немаат?
ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА:
Со цел да може да се оствари основното право на потрошувачите, а тоа е правото на информираност, коешто подразбира потрошувачите да имаат можност да добијат навремени и точни информации околу производите, и за да може потрошувачите да направат правилен избор, согласно член 23 став 3 од Законот за заштита на потрошувачите, сите податоци од декларацијата мора да бидат вистинити, јасно видливи и читливи, напишани на македонски јазик и кирилско писмо, што не ја исклучува можноста истовремена употреба и на другите јазици и знаци лесно разбирливи за потрошувачот.

МАРИЛИ: Но, има производи на кои нема етикета на македонски јазик? Што се презема во такви случаи?
ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА:
Доколку декларацијата не ги содржи потребните информации, или не е и на македонски јазик, потребно е да се покрене постапка пред Државниот пазарен инспекторат, при што инспекторатот ќе му укаже на трговецот да ги отстрани овој вид недостаток, а доколку трговецот не постапи по упатствата на пазарниот инспекторат, инспекторатот може да го казни. А, во однос на храната, пак, ако декларацијата не е и на македонски јазик, тогаш тоа треба да се пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство.


МАРИЛИ: Дали постои правилник со кој се пропишува големината на буквите на декларациите, бидејќи, факт е дека на некои прозводи се испишани со многу мали букви и не се читливи. Истото се однесува и на упатствата за употреба на производите?

ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА: Во однос на начинот на означување на производите, во Република Македонија е донесен Правилник за начинот на означување на храната, а што се однесува до сите останати видови производи што не се прехрамбени, важи одредбата од член 23 став 3 од Законот за заштита на потрошувачите каде се уредува дека сите податоци треба да бидат вистинити, јасно видливи и читливи.

МАРИЛИ: Какви се Вашите сознанија, колку потрошувачите ги читаат декларациите и колку им веруваат? Колку, освен датумот на употреба на некој производ, за граѓаните е битен и составот, или можеби е доволно само да има ознака за потекло од ЕУ, па тоа да биде некаква гаранција за квалитет ?
ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА:
За да може потрошувачите да направат правилен избор, потребно е да бидат запознаени со сите карактеристики на производите. Токму поради тоа Организацијата на потрошувачи постојано организира кампањи со цел да ги поттикне потрошувачите да ги читаат декларациите на производите. Исто така, може да се рече дека е зголемена свеста на потрошувачите за фактот дека треба да ги читаат декларациите на производите, со оглед на тоа што кога ќе се јават потрошувачите во нашето советодавно биро тие веќе самите знаат, согласно правната регулатива кои информации треба да ги содржи декларацијата.

МАРИЛИ: Граѓаните се жалат дека производите од светски познатите брендови што се продаваат во Македонија, по својот квалитет и состав многу се разликуваат од оние кои може да се најдат на пазарите во ЕУ. На пример, се споменуваат кремот „Нутела“, чоколадото „Милка“ , потоа разни шампони, козметички производи, како и брендирана облека, која има европска цена, но не и квалитет. Колку има вистина во тоа, дали сте имале поплаки од потрошувачи и каква е улогата на ОПМ во вакви случаи?
ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА:
Овој проблем беше детектиран на барање на BEUC, односно на Европската организација на потрошувачи како и нејзините членки меѓу кои и Организацијата на потрошувачите на Македонија. Некои држави членки на ЕУ како што се Словенија, Словачка, Хрватска и други изработија компаративна анализа за светски познатите производи кои се продаваат на нивните пазари и се потврди дека потрошувачите се во право кога велат дека некои светски производи се продаваат со различен квалитет во различни земји. За овој проблем жестоки дискусии се водеа и во Европскиот парламент, со вклучување и на членовите на парламентот поддржани од владите на државите членки. Под ваквиот притисок одредени производители ветија дека ќе го изедначат квалитетот на нивниот бренд во сите земји, што, според последните информации се покажа како точно.
Поплаки од потрошувачи за овој проблем сме имале во многу мал број, но за истиот е зборувано многу во медиумите. Во однос на прашањето која е улогата на Организацијата на потрошувачи на Македонија, можеме да одговориме дека ОПМ ги следи состојбите на пазарот, реакциите на потрошувачите, ги информира надлежните институции да преземат соодветни мерки доколку утврди нерегуларности на пазарот или измами на потрошувачите и ги советува граѓаните како да ги заштитат своите права при нивна повреда. Исто така, ОПМ има интерактивна веб-страница каде е поставен формулар за претставки кои може да ги поднесат потрошувачите до ОПМ, а објавени се голем број брошури од различни области со совети за најбрзо решавање на проблемите.

 

Содржината е прочитана 567 пати.