Бизнис вести

Обезбедени 127 милиони евра од ИПА 2 програмата за инфраструктурни проекти

Средствата се наменети за реализација на проекти во секторите железници, патишта и техничка помош

четврток, 08 февруари 2018

Македонија ќе добие 127 милиони евра од ИПА 2 програмата за инфраструктурни проекти. Од Министерството за транспорт и врски соопштуваат дека е одобрена ревидираната Секторска оперативна програма за транспорт 2014-2020, во рамки на ИПА 2 програмата, преку која за Македонија се обезбедени точно 127, 2 милиони евра од кои 108,1 милиони се од ИПА 2 програмата, а 19,1 милион евра од македонскиот Буџет.

Средствата се наменети за реализација на проекти во секторите железници, патишта и техничка помош.

Најголем дел од средствата, 71,5 милиони евра се алоцирани во секторот Железници и тие ќе бидат искористени за изградба на дел од третата фаза на пругата кон Бугарија, делница Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.

За патишта се наменети 48,7 милиони евра. Со нив ќе се гради втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, делница Градско – Дреново, ќе се гради третата лента на патот Градско – Прилеп, делница Плетвар, потоа ќе се реконструира делницата Куманово – Ранковце и ќе се заменат заштитните огради на автопатот на Коридор 10, во должина од 100 километри.

За техничка помош се предвидени 7 милиони евра, кои ќе се искористат за изработка на проектни документации за изградба на велосипедски патеки во Скопје, Тетово, Штип и во Охрид, за замена на сигнализација на железничките премини и за изградба на мултимодален јазол во Трубарево.
 

Содржината е прочитана 75 пати.