Бизнис вести

Организацијата на работодавачи ќе им помага на малите и средни претпријатија во подигање на извозниот капацитет

Со проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија од прехранбено-преработувачката индустрија“, што е дел од грантовата шема на ЕУ за конкурентност, во наредните две години ќе им се помогне на фирмите во испитување на пазарот, создавање сопствени брендови, во царински постапки

четврток, 08 февруари 2018

Преку проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија од прехранбено-преработувачката индустрија“, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ќе им помага на малите и средни претпријатија во нивна интернационализација и подигање на извозниот капацитет. Со проектот, што е дел од грантовата шема на ЕУ за конкурентност и во чие кофинансирање е вклучен и Институтот за динамичен развој СФЕРА- НОВА, во наредните две години ќе им се помогне на фирмите во испитување на пазарот, создавање сопствени брендови, во царински постапки...Таргет се регионалните пазари поради проценките дека има реални можности во соседството да се пласираат македонски производи.

„Ќе се подготви анализа за тоа на кои странски пазари нашите претпријатија од прехранбено преработувачката индустрија имаат најголеми панси за извоз. Потоа ќе следат обуки за почетни и напредни вештини во сите знаења и технологии за да ги подготват своите производи и услуги за пласман на странските пазари“, рече Розалија Карцички Василевска, тим лидер на проектот.

Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров потенцираше дека на малите и на средните претпријатија им се неопходни мерки со кои ќе им се олесни работата, но и мерки за олеснување од обврските, бидејќи постојната регулатива и казнена политика ги оптоварува до таа мера, што тие не успеваат да опстојат ни три години. За разлика од развиените држави, каде во првите три години на компаниите им се дозволува да водат обично книговодство и не мора да ангажираат ни адвокат, ни книговодител, кај нас им се наметнати обврски за двојно сметководство и за лиценцирани сметководители, што максимално ги оптоварува финансиски.

„Кај нас, првата казна и инспекција кај мало претпријатие со двајца или тројца вработени, за нив значи затворање. Статистичките податоци покажуваат дека 19 проценти од новорегистрираните мали и средни претпријатија пропаѓаат уште во првата година, а една третина не издржуваат ни три години“, рече Димитров.

Потенцирајќи дека претпријатијата до 10 вработени зафаќаат над 80 проценти од вкупниот број претпријатија и учествуваат со повеќе од 50 проценти во вкупниот БДП, тој истакна дека Планот за економски раст на Владата не нуди поддршка за нив, туку само за брзорастечките компании.
 

Содржината е прочитана 163 пати.