Бизнис вести

Анѓушев: Ќе треба време граѓаните да почувствуваат дека во Македонија се врати животот

Вицепремиерот за економски прашања во интервју за телевизија Канал 5 рече дека оваа Влада ја извадила економијата од виртуелниот свет

четврток, 08 февруари 2018

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев е оптимист дека економскиот раст годинава ќе биде 3,2 отсто, па дури и повисок, со оглед бројните најави од многу домашни и од странски компании кои сакаат да ги искористат поволностите што ги нуди Планот за економски раст и да инвестираат. Во интервју за телевизија Канал 5, Анѓушев рече дека најдоброто нешто што го направи Владата во македонската економија е што успеа да ја извади од виртуелниот свет и притоа потенцираше дека ќе биде потребно време за граѓаните да почувствуваат дека во Македонија навистина се врати животот.

„Граѓаните беа навикнати на телевизија цело време да гледаат дека се прават инвестиции. Претходната влада за седум години успеа да донесе 23 странски инвестиции за што се издвоија 225 милиони евра. Од нив една третина им беше доделена на компаниите, а другите беа искористени за реклами, пропаганда, роуд шоа и други непродуктивни трошоци и за изградба на ТИРЗ кои се недоизградени. А, ние за само два месеца по усвојувањето на Програмата за економски раст успеавме да потпишеме четири договори за нови инвестиции“, рече Анѓушев во интервјуто.

Тој смета дека со задолжувањето со еврообврзницата од 500 милиони евра, фактички ќе се заштеди 100 милиони евра, бидејќи еврообврзницата е земена со најниска каматна стапка од 2,75 проценти и со рок на отплата од седум години. Со тие пари се вратени обврски со многу повисоки каматни стапки, па поради таа разлика во каматите, годишно ќе има заштеди од над 10 милиони евра.

„Јас сум во Владата за да предлагам економски решенија кои ќе ја подобрат бизнис климата. Ќе треба време граѓаните да почувствуваат дали во Македонија се врати животот, но, знам дека се врати слободата и демократијата“, рече Анѓушев во интервјуто, според кого прашањето со името има и еконосмко значење, бидејќи за подобра економија е потребно владеење на правото и стабилна држава, а тоа, како што кажа, се добива со евроатлантските интеграции кои се закочени токму поради проблемот со името.
 

Содржината е прочитана 140 пати.