Бизнис вести

Мерките за индустриски раст претставени пред холандски компании

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска нагласи дека мерките се транспарентни и се однесуваат подеднакво и на домашните и на странските компании, со цел генерирање економски раст

среда, 07 февруари 2018

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни (ДТИРЗ), Александар Младеновски пред повеќе холандски компании во Македонија ги претставија владините мерки за индустриски раст и за зголемување на конкурентноста.

На средбата се обрати и Амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Ваутер Пломп кој нагласи дека транспарентноста во креирањето и спроведувањето на мерките за поддршка на инвеститорите е од голема важност, како и воспоставувањето на one-stop-shop систем за обезбедување услуги, информации и поддршка.

„Мерките се транспарентни, се однесуваат како на домашните, така и на странските компании, сите ќе бидат третирани еднакво“, рече Апостолска нагласувајќи дека целта e генерирање економски раст базиран на креирање нови и високоплатени работни места.

Министерката појасни дека мерките се конципирани и во насока на поддршка на соработката со домашниот сектор и стимулирање отворање технолошко-развојни центри во рамките на компаниите.

Директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, пак, ги претстави поволностите што државата ги нуди во зоните и ги нагласи предностите на Македонија како поволна бизнис-дестинација во однос на земјите од регионот.

Претставниците на холандските компании беа информирани дека законското решение во кое ќе се преточат мерките од планот за економски раст на Владата е во финална фаза на подготовка и многу набрзо ќе биде јавно достапно за сите заинтересирани страни.
 

Содржината е прочитана 150 пати.