Бизнис вести

Непријавените плати и промет влијаат на скриената економија

На 44 проценти од вработените во Македонија платата воопшто не се пријавува, или делумно се пријавува, а девет отсто работат без договор за работа и без исплатени социјални придонеси за вработување

вторник, 06 февруари 2018

Непријавени плати и непријавен промет се проблем со кој се соочуваат сите земји во Југоисточна Европа, па од тие причини имаат и релативно високи индекси на скриени економии. Ова беше заклучено на Регионалниот форум за скриена економија што се одржа во Скопје во организација на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), на кој се дискутираше за најновите трендови во мерењето на скриената економија и трансформирање на наодите во можни политики.

На форумот беше сугерирано комбинирање на репресивните со стимулативни мерки со кои работодавачите ќе бидат охрабрени да ги пријават нивните вработени со полниот износ на платите. Истовремено, беше претставена најновата компаративна студија за следење скриена економија во која се анализираат ширењето и трендовите на скриените економски активности во Македонија, Албанија и во Косово.

На 44 проценти од вработените во Македонија платата воопшто не се пријавува, или делумно се пријавува, а девет отсто работат без договор за работа и без исплатени социјални придонеси за вработување, беше истакнато на формуот.

Од друга страна, во УЈП се почесто стигнуваат поплаки за неиздавање фискални сметки. А, тоа, како што рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска е еден од предусловите за развој на сивата економија. Најголем број од фискалните сметки не се издаваат во секторот услуги. Лукаревска најави засилени контроли особено кога станува збор за настани од забавен карактер, како што беше случајот со Супер купот или со Струмичкиот карневал кој ќе се одржи набрзо.

Освен неиздавањето фискални сметки, како други форми на скриена економија Лукаревска ги спомна пријавувањето понизок обрт од страна на компаниите, пријавувањето помали приходи, издавање фиктивни фактури, формирање фиктивни компании и лажирање на фактурите. Најголем дел од скриената економија е кај микро и малите бизниси.

Ана Мицковска Ралева од ЦИКП рече дека во споредба со 2014 година, Македонија стагнира на индексот за скриена економија кој е со вредност 3.4, но дека стои подобро во однос на другите земји, на пример, Косово каде тој индекс изнесува 7, а во Албанија е 4.

Јосип Фрањиќ, експерт за истражување на скриената економија рече дека и по влезот на Хрватска во ЕУ главен проблем во земјата и натаму останува недовербата помеѓу хрватските граѓани дека плаќањето данок не значи и дека собраните средства наменски и во целост ќе се потрошат за потребите на државата и граѓаните.
 

Содржината е прочитана 147 пати.