Интервјуа

Во болницата „Плодност“ во Битола, сонот да се биде родител станува реалност

Тематскиот ден „ДАМА-ДА - здравјето и убавината во функција на современата жена“ ви го претставува д-р Таше Трпчевски, субспецијалист гинеколог акушер, генерален менаџер и сопственик на болницата „Плодност“ од Битола кој ќе зборува на темата „Емоционален аспект кај жената при ин витро оплодување“. А, за проблематиката на неплодноста и зачнувањето со ин витро метода, повеќе во ова интервју

вторник, 06 февруари 2018

МАРИЛИ: На многу семејства сонот им го претворате во реалност овозможувајки им да станат родители. Вашиот ИВФ центар со години е лидер со најголем процент на успешност во ин витро оплодувањето. Колкав е тој процент и на што се должи?
ТРПЧЕВСКИ:
Кога станува збор за ин витро оплодувањето, многу важна работа и можеби најбитна е исходот на постапката - жената да забремени и да роди здраво и живо дете. Процентот на бременост зборува за успешноста и квалитетот на лабораторијата. На оние кои имаат низок, или никаков процент за успешна бременост, за да бидеме реални и чесни кон пациентките, но и кон самите себе, не треба да им даваме надеж за употреба на оваа метода и треба тие сами да се откажат. Бидејќи, неуспешното ин витро ќе стане само манипулација и продолжување на агонијата на засегнатите неплодни парови.
Процентот на бременост е различен во различни лаборатории во светот и се движи од 15 до 64 отсто. Нашата статистика покажа дека изнесува меѓу 35 и 53 проценти (35,9 отсто во 2005 година, 53,4 во 2008, потоа 47,6 во 2012 и 48,28 отсто во 2017 година.). Во последните години откако е склучен договор со ФЗО, речиси една четвртина од циклусите се канцелирани (прекинати), бидејќи многу од овие пациентки не одговорија на терапијата. Тоа значи дека критериумите на ФЗО се многу либерални и им овозможуваат речиси на сите пациентки да прават ин витро оплодување, без оглед на тоа дали исполнуваат услови за постапката. Се поставува прашањето дали треба да се применува оваа метода кај пациентки кај кои репродукцијата е завршена, а ќе треба да го бараат спасот со донирани гамети. Кај овиe пациентки со донирани гамети процентот на успех се движи и до 65 отсто.
Што се однесува до тоа колку семејства усреќивме за период од 14 години, во светот се породени околу 6,5 милиони бебиња, а програмата на ин витро оплодување од приватната болница „Плодност“ од Битола партиципира со околу 1.300 родени.
Има неколку причини зошто е висок овој процент. Применуваме најнови технологии - ICSI, IMZI, ASSISTED HECHING, VITRIFIKACIJA и сега најновата технологија на континуирано видео компјутерско пратење на раст и развој на ембрионот со најмодерен инкубатор со највисоки перформанси и прв од ваков вид во светот TIME LAPS EMBRIOSCKOP –единствено и за прв пат во Македонија. Кај секоја пациентка пристапуваме индивидуално, што е многу важен момент, тимот функционира како еден (гинеколог – биолог - медицинска сестра), начинот на работа на ембриолозите, начинот на подготовка на пациентката и техниката на ембриотрансферот...

МАРИЛИ: Што е клучно за да се добие добар резултат од третманот и од што зависи?
ТРПЧЕВСКИ:
Успехот од ИВФ третманот зависи од повеќе причини. Прва и најважна се годините, односно возраста, индикациите за ин витро оплодувањето, дали причината за неплодност е едниот или двајцата партнери, начинот на подготовка на пациентката, резервата на јајчниците и одговорот на јајчниците на терапијата. Потоа протоколот на подготовка на пациентката, анатомската исправност на матката, присуство на машкиот фактор и најважно, искуството, вештината на тимот и опременоста на ембриолошката лабораторија.

МАРИЛИ: Која е просечната возраст на пациентките кои доаѓаат за ин витро оплодување и има ли лимит старосната граница за вакво зачнување?
ТРПЧЕВСКИ:
Процентот на бременост опаѓа со возраста на пациентките. Жените постари од 40 години имаат намален оплоден потенцијал и затоа имаат помал процент на успешност со овие постапки. Горната граница на годините за ин витро е различна кај различни клиники и се движи помеѓу 42 и 45 години. Зборувам за ин витро со сопствени јајни клетки. Но, кај нас во Македонија е поинаку. Овде жените не се лимитирани за ин витро ако имаат нормален хормонски статус, така што, имаме жени кај кои е правено ИВФ со одобрување на ФЗО на 48 годишна возраст. На оваа возраст не е познато во литературата дека има бременост со сопствени јајни клетки. Од наши искуства, после 44 години нагло опаѓа фертилната моќ кај жените. Ние имаме пациентки кои забремениле на 46 години, но тие се ретки. Имаме бремени и породени и на 48 и на 50 години, но со донирани јајни клетки. Во овој момент имаме бремена жена на 50 годишна возраст со донирани јајни клетки, која носи близнаци и е бремена е во 4-ти месец. Редуцираните шанси за забременување во поодминати години се поврзани со квалитетот и квантитетот на јајните клетки. Најголем процент на пациентки кои забремениле со ин витро постапка се меѓу 30 и 39 години.

МАРИЛИ: Пред да се примени ин витро оплодување следува подготвителен период. Колку време мора да помине меѓу два обида за ин витро оплодување и има ли ограничување на бројот на обиди за вакво оплодување?
ТРПЧЕВСКИ:
Ако се постави индикација за ин витро оплодување се врши подготовка на жената. Претходно се прават базични анализи за да се види причината за неплодноста (се прави хормонски статус, се земаат микробиолошки брисеви, се прави снимање на јајоводите, ултразвук, се испитува машкото семе). Доколку конзервативниот третман или евентуален хируршки третман не успее, се пристапува кон ИВФ. Се отпочнува со стимулација на јајчниците со хормонски препарати со најразлични протоколи во зависност од возраста на пациентките, резервата на јајчниците и претходните одговори на стимулативна терапија (доколку имала пациентката). Во зависност од јачината на стимулацијата се вадат повеќе јајчни клетки. Просечно вадиме 5-10 јајчни клетки. Стимулацијата трае околу 8-12 дена, се додека не се добие зрела јајна клетка, или повеќе зрели јајни клетки. Може жената и да не се стимулира во природен циклус кога се развива само една јајчна клетка во текот на еден менструален циклус (еднаш месечно). Кога фоликулите ќе достигнат соодветен раст и развој, се дава стоп инекција после која во рок од 32-38 часа се вадат јајните клетки од јајчниците. Во лабораторија се подготвуваат и спојуваат со машкото семе (се култивираат) и по неколку денови оплодените јајни клетки (ембриони) се враќаат во матката на жената (ембриотрансфер). Се трансферираат најдобрите 2 ембриони, а ако има повеќе се замрзнуваат. Постапката за ин витро оплодување трае 15 до 30 дена, во зависност од протоколот на подготовката.
За жал, многу парови немаат успех после првото ИВФ. За следниот обид треба да се почека најмалку два месечни циклуси. За тоа време се прави распоред на консултации со ИВФ специјалистот. Многу е важно да се има доверба во истиот доктор, или, пак, да се промени ИВФ специјалистот, или да се промени ИВФ центарот. Од претходниот циклус на постапката учиме за нареден циклус Б.
Бројот на ИВФ постапки не е ограничен. Во нашата пракса сме имале пациентка со 12 неуспешни ИВФ на други места, за потоа кај нас да забремени од прв пат и да се породи со здраво женско бебе. Имаме многу примери на од 5 до 10 обиди кои успешно завршиле со бременост, но за одбележување е уште еден пример на 14-то успешно ИВФ после 13 неуспешни, со раѓање здраво машко дете.

МАРИЛИ: Колкави се шансите да се зачне уште при првиот обид при ин витро оплодување? Од што зависи тоа и колкав е просечниот број на оплодувања до зачнување?
ТРПЧЕВСКИ:
Добра вест за ин витро фертилизацијата е дека процедурата може да биде успешна со само еден циклус, но тоа тоа не може да се случи кај сите. Жените под 30 години имаат над 50 проценти шанси да останат бремени после првиот обид, додека оние помеѓу 40- 43 години имаат помалку од 12 отсто шанси за успешен ИВФ. Поточно, ако жената има 25 до 33 години шансите за успех после првиот ИВФ циклус се 58 – 61отсто. Тоа значи дека колку што е жената помлада, толку се поголеми шансите да забремени, бидејќи квалитетот на јајните клетки е многу подобар под 35 годишна возраст. Сите оние парови кои ќе збременат после ембриотрансфер се среќни парови. Нашиот ИВФ калкулатор за успешните бремености покажува дека шансите за забременување се кумулативно до 68 проценти после два ИВФ циклуси, а 79 проценти после три циклуси. Што се однесува до процентот на оплодување на јајните клетки со ембриотрансфер, тој се движи од 75 до 90 проценти, а зависи од годините на пациентката, квалитетот на гаметите (машките и женските), бројот на аспираните јајни клетки, генетската и хромозомската компетитивност на ембрионите и нормално, од стручноста на биолозите и опремата со која располагаат. Има пациентки кои имале неуспешни 10, 12 и 13 обиди, а кај кои успеавме. Останале бремени и се породиле благодарение на претходните анализи на претходни циклуси, а ги правеле на други места. Со внимателна анализа на тие протоколи настојуваме да промениме многу работи за кои мислевме дека недостасуваат, како во начинот на подготовката, така и во ембриолошката лабораторија.

МАРИЛИ: Според вашето искуство, на што се должи се побројното забременување преку ин витро, односно, кои се најчести причини за неплодност кај младите парови?
ТРПЧЕВСКИ:
Освен вообичаените причини за неплодноста, како што се инфекциите, анатомските промени на гениталните органи, хормонските пореметувања, биолошкото стареење, се повеќе се споменуваат и факторите на околината, исхраната, работата со радиоактивно зрачење и стресот. Проблемот на неплодноста може да биде кај двете страни – и од страна на мажот и од страна на жената. Порано се зборуваше само за жената. Историски неплодноста била повеќе присутна кај жената, бидејќи мажите не сакале да одат на преглед. Сега не е така. На преглед доаѓаат како пар, бидејки тоа е една биолошка целина. Кој и да е причина за неплодноста, мажот или жената, проблемот за нив е ист, бидејќи оплодниот потенцијал на еден од паровите е зависен од оплодниот потенцијал на другиот. Денес, според статистиката, причините за неплодност се во 45 отсто кај жената, 35 отсто кај мажите, во 15 проценти се и кај двајцата, а кај 15 проценти од случаевите брачната неплодност не покажала објективни промени ниту кај двајцата, односно тоа е таканаречена неплодност од непознати причини, или идиопатска неплодност. 

МАРИЛИ: Кога и од каде започнува лекувањето?
ТРПЧЕВСКИ:
Ако кај парот не дојде до забременување во рок од една година и покрај редовните сексуални односи и без примена на било какви методи за спречување на зачетокот, можеме да кажеме дека тој пар е неплоден. Зошто велиме 1 година? Во првата година би требало да се постигне бременост во 70-80 проценти од паровите, а во втората уште дополнителни 6-7 проценти. Останатите 15 проценти не се знае кога ќе имаат позитивен резултат. Затоа после една година се почнува со испитувања на двајцата, а ако жената е постара од 35 години, треба и порано, односно, после 6 месеци. Примарната цел на испитувањето е да се откријат причините за подоцна да се востанови прогнозата на идната фертилност, со цел да се преземе најадекватна терапија. Иницијалното испитување подразбира земање анамнеза: колку е возраста на пациентката,траењето на неплодноста, анамнеза на партнерите за сексуалните односи, поранешни болести, инфекции, употреба на лекарства... Испитувањето на неплодноста има за цел да одговори на следните прашања: Дали се случува овулација? Дали овумот (јајцето) може без пречки да помине низ јајоводот? Какво е семето на мажот? Каков е спермограмот на мажот?
Што се однесува до прашањето зошто е се почесто ин витро оплодувањето, причината треба да се бара кај младите парови како резултат на нивната нетрпеливост да се применат конзервативни или хируршки методи за лечење на неплодноста, а кај постарите парови краткиот временски период на репродукција што им преостанува, односно биолошкиот часовник. Со оглед на тоа дека ин витро постапките денес се многу усовршени и процентот на бременост е многу висок и многу парови станале родители, се поголем е бројот на оние кои порано се одлучуваат за ин витро оплодување не оставајќи простор и време на мајката природа за забременување. Значи, испитувања да, но после една година заеднички живот и ако не се најде причина за неплодноста со лечење да се отпочне подоцна доколку годините на старост не се големи, бидејки многу од паровите ќе добијат деца ако ги оставиме на мир.

МАРИЛИ: Кога се забременува со ин витро во поголем процент се раѓаат близнаци. Од што зависи колку бебиња ќе се родат?
ТРПЧЕВСКИ:
Ин витро оплодувањето е техника која инволвира колекција, односно вадење јајни клетки од јајчниците со цел да се оплодат со машкото семе. Една од пет ИВФ бремености ќе резултира во мултипни бремености – двојки, тројки или четворки. Компарирајќи со природен циклус 1 од 80 ќе бидат двојки. Има два типа на близначка бременост. Дизигот (двојајчани), кога се развиваат две бебиња од две различни јајчни клетки и монозигот, кога едната оплодена јајчна клетка ќе се подели на две. За да се има двојајчани близнаци потребно е да се внесат 2 и повеќе ембриони кај жената. Ако се внесе еден ембрион исто така е возможно да се добијат близнаци, но еднојајчани. За тројки и четворки треба да се внесат 2 или повеќе ембриони.
Повеќеплодната бременост е резултат на стимулацијата на јајчниците да дадат повеќе јајни клетки и развивањето на таканаречен хиперстимулационен синдром. Кај нас, со закон е дозволено да враќаме (ембриотрансфер) во матката на жената само два ембриони за првите два обида, а потоа за наредни обиди по три ембриони. Честопати се случува еден од ембрионите да се подели на два, па да имаме тројки. Имавме и четворки кога два ембриони се поделија на два. Процентот на близнаци кај нас се движи 27 отсто, а на тројки еден отсто. Порано, кога враќавме повеќе ембриони, процентот на мултипна бременост ни беше уште повисок.

МАРИЛИ: Дали освен од Македонија во вашата болница доаѓаат и пациенти од други држави?
ТРПЧЕВСКИ:
Сведоци сме на се побројна посета на болницата од пациенти од други градови на Македонија, од соседните држави, од Германија, Италија, Австрија, Франција, (главно наши сограѓани), но и од Америка и Австралија. Неодамна имавме брачен пар од Дубаи, со претходни 5 неуспешни бремености во најпрестижната англиска болница „Бурн Халм“ (таму е зачнато првото бебе во светот во1978 година). Пациентката остана бремена, а сега од нив има препорака да дојдат уште два пара. Ние станавме амблем на Битола и бренд за Македонија. Имаме реализирано многу успешни бремености на пациентки од Америка, Австралија. Ние овозможуваме медицински туризам. Некои од нив доаѓаат за второ и трето дете. Имаме пар од Америка кој има четири деца од кај нас со претходни три неуспешни обиди таму. Во Србија имаме преку 80 реализирани успешни бремености, во Албанија, Грција итн. Добриот глас, односно успешно реализираната ИВФ постапка далеку се слуша. Рекламата од пациент на пациент доаѓа подоцна, но е мошне сигурна.

МАРИЛИ: Со оглед дека работите и со Фондот за здравствено осигурување, статистички колку пациентки до сега поминале низ болницата?
ТРПЧЕВСКИ:
Започнавме во 2013 година со 80 циклуси, а сега стигнавме до 400 циклуси годишно, од кои повеќе од половината се со ФЗО. Ако географската поставеност на Битола беше поинаква, со подобра сообраќајна инфраструктура, ќе имавме двојно повеќе циклуси. Битола е слепо црево за Македонија и тоа што немаме повеќе циклуси е резултат на ваквата географска и сообраќајна поставеност на градот.

МАРИЛИ: Што ја прави „Плодност“ поразлична од другите гинеколошко акушерски болници? Можете ли да ни кажете колку операции , други интервенции и колку бебиња се родени во „Плодност“ во овие 6 години?
ТРПЧЕВСКИ:
Болницата „Плодност“ е прва приватна болница во Југозападниот регион на Македонија. Направена е со сопствени средства и големи кредити. Таа е строго специјализирана установа за една болничка дејност - гинекологија со акушерство и амбулантска услуга, за неонатолошки и педијатриски пациенти. Тоа значи дека строго сме насочени на основната дејност. Вака организирани на оддели (амбулантски, дијагностички, дневна болница, акушерски, гинеколошки, интензивна нега, ИВФ оддел со андролошка лабораторија, биохемиска лабораторија, рентген дијагностика), им овозможуваме на нашите пациенти ефикасна здравствена заштита и примена на најсовремена технологија, спроведување и континуирано мерење на постигнатите резултати, унапредувајќи го квалитетот на работата со цел подигнување на стандардите за квалитетна здравствена заштита.
Неколку работи не прават посебни. Покрај тоа што им овозможуваме на пациентките максимална грижа и комфорни услови, најголемиот дел од операциите ги правиме со ендоскопска хирургија (лапароскопија и хистероскопија), сите спонтани породувања ги водиме безболно со епидурална аналгезија, сите оперирани ги обезболуваме со спинална анестезија за безболен постоперативен тек, во андролошката лабароторија, единствено кај нас во државата, се прави сперм ДНА фрагментациски тест и ОСТ тест на семената течност и најбитно, во ембриолошката ИВФ лабораторија, единствено кај нас се користи ембриоскоп, најсовремен инкубатор што го користиме први во светот. Само во 2017 година кај нас се направени 118 лапароскопии, 354 гинеколошки операции, а сите овие се проследени со анестезиолошки интервенции, 273 породувања со царски рез, а околу 250 по природен пат со епидурална аналгезија. Минатата година имавме 547 породени бебиња. Започнавме пред 6 години со 220 новородени.

МАРИЛИ: Кажете ни нешто повеќе за болницата. Имате генетска лабораторија, а воведовте и ПГД дијагностика за рано откривање на абнормалности на плодот. Значи дека имате стручен и обучен кадар. Колку вработени имате и какви се други услуги им пружате на пациентите?
ТРПЧЕВСКИ:
Во Болница „Плодност“ има 86 вработени лица, од кои најголемиот дел се медицински персонал. Од нив 16 се доктори специјалисти, 2 доктори специјализанти, 1 дипломиран фармацевт, 3 биолози – ембриолози, 33 дипломирани медицински сестри/акушерки, 3 дипломирани лабораториски аналитичари, 1 радиолошки технолог и 1 дипломиран фармацевтски техничар. Резултатите на работата покажуваат колку е нашиот кадар стручен и обучен. Добар кадар - добри резултати. Што се однесува до ПГД дијагностиката, опремата е набавена, правиме првични пробни испитувања со можна едукација во странство и започнување со работа после неколку месеци обука. Тоа ќе биде и мојот сон и иднина за се она што го заокружив како работа во болницата. Сон ми беше и го реализирав, изведувајќи најтешки операции со вадење матка, лимфни жлезди со лапароскопија ... Сега сакам иднината да ја заокружам со генетската лабораторија и можно отворање центар за третман на дојки со пластика на дојки.

МАРИЛИ: Болницата „Плодност“ е прва приватна болница во земјава која ја добива Акредитацијата на најдолг можен период, што е потврда за квалитетот во работата на Болницата. Кој е рецептот за успех?
ТРПЧЕВСКИ:
Со доделената Акредитација за период од наредните пет години, блницата „Плодност“ и потврдено ги исполнува барањата на стандардите и критериумите, законски определени од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи во Република Македонија. Работа по европски стандарди, со строго утврдени процедури, во кои безбедноста на пациентот е на прво место. Користење најсовремена медицинска технологија, обезбедени здравствени услуги за пациентите и одлична грижа за новороденчињата. Тоа се основните барања, кои не е доволно само да се исполнат, туку мора постојано да се одржуваат и постојано да се надградуваат. Тоа е рецептот за успех на Болница „Плодност“ Битола.

 

Содржината е прочитана 5499 пати.