Бизнис вести

„Фени“ почнува со работа

Одборот на доверители на комбинатот соопшти дека е донесена одлука за склучување договор за преработка на никелова руда со единствениот понудувач друштвото GSOL за минимален месечен надомест од 1.200.000 евра

петок, 02 февруари 2018

Комбинатот за фероникел од Кавадарци „ Фени Индустри“ кој е во стечај ќе почне со работа. Одборот на доверители соопшти дека донел одлука за склучување договор за преработка на никелова руда на овој комбинат со единствениот понудувач друштвото GSOL за минимален месечен надомест од 1.200.000 евра.

Одлуката била едногласно донесена на седница одржана на 30 минатиот месец. При донесување на одлуката се водело сметка за заштита на интересите на доверителите и на вработените согласно Законот за стечај.

„Ова посебно се однесува на потребата производствените капацитети што се во сопственост на стечајниот должник и кои влегуваат во стечајната маса да бидат заштитени од натамошно пропаѓање и намалување на нивната вредност. Нивно ставање во целосна функција ќе создаде услови доверителите да ги наплатат своите побарувања во повисок процент, што е и основната цел на колективното намирување на доверителите во стечајната постапка“, наведуваат од Одборот на доверители.

Оттаму потенцираат дека склучувањето на договорот е од исклучителна важност и за вработените кои ќе бидат работно ангажирани, а ќе се спречи и дополнително оптоварување на стечајната маса со трошоци на постапка.

На давањето на комбинатот под наем се противеше синдикалниот лидер на „Фени“, Ѓоре Палитов, кој смета дека краткоречен закуп на фабриката е опасен потег.

„Вработените во ‘Фени’ не се за издавање на нивната фабрика под наем, бидејќи со тоа нема никаква иднина за вработените, а закупецот може во секој момент да си оди затоа што не платил ниту денар за фабриката, ниту,пак, има некаква инвестиција во неа“, велеше Палитов и побара стечајната постапка да заврши што побрзо.

Откако Апелацискиот суд во Скопје ја отфрли жалбата на компанијата „Кунико ресорсис“ за стечајот, остана во сила одлуката на велешкиот суд дека комбинатот е во стечај. Следното рочиште за стечајната постапка е закажано за 7 февруари, кога ќе се знае дали вкупниот долг на „Фени“ изнесува 67,5 милиони евра, колку што пресмета стечајниот управник, како и тоа кои од жалбите на доверителите се прифатени, а кои не.
 

Содржината е прочитана 122 пати.