Бизнис вести

Македонија и Турција ќе го менуваат Протоколот 2 во корист на деловната заедница

Министрите за економија на двете земји се договориле да се формираат експертски тимови од двете држави кои ќе работат на модернизирање на Договорот за слободна трговија, со што ќе се овозможи негово усогласување со правилата на услуги на СТО

среда, 31 јануари 2018

Министерот за економија Крешник Бектеши и неговиот турски колега, Нихат Зајбекчи потпишаа одлука за измена на Протоколот 2 во корист на деловната заедница..

На средбата во Анкара двајцата министри разговарале за економската и за трговската соработка меѓу Македонија и Турција.

„Во насока на продлабочување на билатералната економска соработка и поттикнување на трговијата, каде што во последните години е забележан раст, особено во делот на македонскиот извоз на турскиот пазар, двајцата министри потпишаа одлука на Мешовитиот комитет по Договорот за слободна трговија склучен во 1999 година меѓу Република Македонија и Република Турција. Со одлуката се врши измена на Протоколот 2 заради создавање одредби за примена на Регионалната конвенција за Пан-евро медитеранските правила за потекло на стоки (ПЕМ) и проширувањето на можностите за дијагонална кумулација на потекло на стоки со други земји“, информираат од Министерството за економија.

Оттаму појаснуваат дека примената на Регионалната конвенција, која Македонија ја ратификуваше во мај 2012, а Турција во ноември 2013 година, значи создавање идентични услови во примената на правилата за потекло, при што дијагоналната кумулацијата на потекло на стоката ќе важи за земјите членки на ЕУ, за оние ЦЕФТА држави кои применуваат Спогодба за стабилизација и асоцијација и за земјите од ЕФТА.

Двајцата министри се договориле да се формираат експертски тимови од двете земји кои ќе работат на модернизирање на Договорот за слободна трговија, со што ќе се овозможи негово усогласување со правилата на услуги на Светската трговска организација и ќе се создаде основа за нови преговори во земјоделско-прехранбениот сектор во интерес на бизнис-заедницата, каде што ќе бидат вметнати и инвестициите, како посебно поглавје.
 

Содржината е прочитана 150 пати.