Здравје/ Убавина

Внимателно со моќните својства на медот, еден од главните фактори за заштита од грип

Секогаш кога треба да се избира меѓу мед и шеќер, изборот треба да падне на медот, оти е поздрав. Но, никако не смее да се раствора во многу жешка течност, бидејќи на температура повисока од 40 степени се претвора во леплива токсична маса што го затнува дигестивниот тракт и цревата

вторник, 30 јануари 2018

Кога ќе се рече мед, првата асоцијација што доаѓа е здравје. Медот е совршен природен производ кој во себе ги содржи речиси сите состојки што му се потребни на човечкиот организам. Особено во есен и во зима, кога е сезона на настинки и грип. Но, не е само зимата периодот кога употребата на медот во исхраната е задолжителна. Неговата голема нутритивна вредност сама по себе е најдобра препорака за тој да се конзумира секојдневно во текот на целата година.

Сепак, мора да се внимава како се употребува медот, бидејќи треба да се знае дека кога е подложен на многу висока температура, може да биде токсичен. Поради тоа и не се препорачува да се употребува при подготовка на јадења што се печат.

Што е мед, што содржи и какви својства има?

Медот е слатка густа материја што ја произведуваат пчелите собирајќи го од медоносните билки. Нутритивно, медот е мешавина од шеќер и мноштво други материи. Просечниот состав на сировиот мед е околу 80 проценти природни шеќери, (фруктоза 38 проценти и гликоза околу 30 проценти), потоа 18 проценти вода и 2 процента минерали, витамини и аминокиселини. Високото ниво на фруктоза, го прави медот посладок од шеќерот, а, колку помалку вода содржи, толку квалитетот е подобар.

Токму големата количина шеќер честопати ги става луѓето во дилема, како може медот да биде толку здрав, а да содржи толку многу шеќер. Медот има разни хранливи материи, минерали и витамини, содржи високо вредни киселини, како што се мравја, јаболкова, лимонска и многу други. Исто така, содржи и различни хлорофилски остатоци, пигменти, белковини, односно, аминокиселини неопходни за живот, комплекс од витамини Б и Е и нешто витамин Ц. Од минералите содржи железо, цинк, калциум, фосфор, калиум, бакар и магнезиум. Иако на 100 грама мед има вкупно само 4 проценти минерали, тие битно ја подигнуваат вкупната вредност на медот. Исто така, содржи и низа антиоксиданти, но кои, зависи од цветот од кој е произведен медот. Па така, темниот мед, генерално, има повеќе антиоксиданти отколку медот со светла боја.

Медот е посладок од шеќерот и има далеку повеќе нутритивни вредности, но и повеќе калории. Една лажица мед има 64 калории, додека иста количина шеќер има 46 калории. Една супена лажица мед содржи и 17,3 грама јаглени хидрати и тоа речиси сите потекнуваат од шеќерот.

Медот не е значаен извор на протеини и не содржи масти, па може да помогне и при слабеење. Иако има повеќе калории отколку обичниот шеќер, кога се конзумира со топла вода помага при согорување на мастите во телото. Сепак, факт е дека медот дебелее, особено доколку се јаде во големи количини. Затоа и се препорачува умерена употреба.

Но, најважно е дека кога се работи за исхраната, медот има бројни здравствени состојки. Тој е природен засладувач кој не содржи дополнителни вештачки хемикалии, што го прави здрава опција кога сакаме да се засладиме. Оттаму, кога треба да се избира меѓу мед и шеќер, секако, изборот секогаш паѓа на медот. Тој е подобар и поздрав, има поинаква хемиска структура од шеќерот, а освен тоа го снабдува организмот и со микронутриенти и антиоксиданти.
Човекот уште од дамнина знае за својствата на медот и освен за исхрана, го користел и за нега на кожата и на косата. Денес се знае дека медот содржи состојки кои се покажале делотворни во спречување на развојот на ракот, делува и антибактериски поради што е одличен за ублажување на симптоми на настинка и грип, како и за воспалено грло. Исто така, медот ја враќа енергијата и ја намалува физичката исцрпеност, а го чисти организмот од штетни материи со што помага при лечење на гастритис, чир на желудник, цревни инфекции, хемороиди...

Постојат повеќе типови мед, во зависност од тоа од каков цвет е произведен. Иако во глобала секој мед е корисен за здравјето, сепак, различните типови мед имаат и различни својства и делуваат на различни здравствени проблеми. Така, багремовиот мед е погоден за оние кои имаат проблеми со варење, како и за луѓето кои патат од несоница или од стрес, бидејќи го смирува нервниот систем. Ливадскиот мед содржи повеќе етерични масла и затоа се препорачува на срцево болните, а може да помогне и кај респираторните заболувања. 

Медот од липа, пак, има антисептичко дејтсво и се користи при грип, бронхит и слично. Шумскиот мед содржи 13 пати повеќе минерали од цветниот мед и особено се препорачува за лицата кои страдаат од анемија. Медот од костен многу помага при проблеми на органите за варење, бидејќи ја подобрува работата на цревата и ја штити желудочната и цревната слузница, додека медот од лаванда се користи против надуеност и проблеми со мокрењето, а добро делува и на мигрена и вртоглавица. 

Мед смее да јаде секој кој не е алергичен на мед, или не боледува од шеќерна болест. Но, не треба да се дава на деца под една година, а според најновите истражувања и до две години. Причина за тоа е ризикот од алергиска реакција, бидејќи медот содржи многу потенцијални алергени од природата на кои телото на детето не е подготвено. Ризикот е најголем кај доенчиња до 6 месеци. Кај постарите деца и возрасните дигестивниот систем е позрел и ги исфрла бактериите брзо пред да можат да предизвикаат штета.

Мед треба да се конзумира секојдневно и тоа половина час пред јадење. Не се препорачува да се јаде во густа состојба, па потоа да се пие вода, туку секогаш прво треба да се раствори независно дали е тоа во вода, чај, млеко или во сок. Најважно е течноста да не биде премногу жешка, бидејќи медот не само што ги губи лековитите својства на температура повисока од 40 степени, туку станува и токсичен, односно, создава токсична леплива маса која го затнува дигестивниот тракт и цревата. Токму од тие причини не е препорачливо да се става во колачи, или во јадења што се печат. Медот секогаш треба да се црпи со дрвена или со пластична лажица, никако со метална.

Природниот мед треба да биде густ и матен, за разлика од фабричкиот, кој е бистар и течен. Ако медот кристализира, значи дека е природен. Медот не ги губи лековитите својства кога ќе кристализира, станува збор за природен процес што се јавува кога се чува на пониска темпаратура. Медот е траен производ и има неограничен рок на траење (доколку е добро затворен) поради големата количина шеќер. Треба да се чува на собна температура, а не во фрижидер, да биде подалеку од светло и во цврсто затворена тегла.
 

Содржината е прочитана 114 пати.