Интервјуа

Групацијата „Кромберг и Шуберт“ со над 6.000 вработени во Македонија годинава и со нова инвестиција во Србија

Интервју со госпоѓица Тања Милисковиќ, комерцијален директор во „Кромберг и Шуберт“ Македонија ДООЕЛ Битола: „Германската групација на која ѝ припаѓа и „КРОМБЕРГ И ШУБЕРТ“ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола постојано е во потрага по нови пазари. Екстензијата во Битола значеше зголемување на производниот погон од првичните 18.000м2 до конечните 43.000 м2, а бројот на вработени за шест месеци се зголеми од 2.500 на приближно 5.600, со тенденција 2018 година да ја завршиме со повеќе од 6.000 вработени. Стартувањето на новата фабрика во Крушевац му беше доделено на КШМК токму поради претходно постигнатите резултати на нашата фабрика.“

понеделник, 29 јануари 2018

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е екстензијата на Вашата компанија „Кромберг и Шуберт“ Македонија со нов погон и нови вработувања, но и градењето на новата фабрика во соседството, односно во Р. Србија. Кажете ни нешто повеќе за ова.
МИЛИСКОВИЌ:
Германската групација на која ѝ припаѓа и „КРОМБЕРГ И ШУБЕРТ“ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола постојано е во потрага по нови пазари. 

Бројноста на населението беше причина токму во Битола да се изгради фабриката, а по истиот принцип тоа се направи и во Крушевац, Р. Србија. Екстензијата во Битола значеше зголемување на производниот погон од првичните 18.000м2 до конечните 43.000 м2, а бројот на вработени за шест месеци се зголеми од 2.500 на приближно 5.600, со тенденција 2018 година да ја завршиме со повеќе од 6.000 вработени. Стартувањето на новата фабрика во Крушевац му беше доделено на КШМК токму поради претходно постигнатите резултати на нашата фабрика. Во КШСР моментно имаме 300 вработени што се на обука во Битола. Производството ќе започне со проект за „Шкода“ и до крајот на 2018 година се планирани околу 1.000 нови вработувања. 


МАРИЛИ: Накратко да ја потсетиме нашата читателска публика за каков производствен гигант во автомобилската индустрија станува збор. Од кога постои „Кромберг и Шуберт“ и каде се присутни нејзините интернационални инвестиции?
МИЛИСКОВИЌ:
„Кромберг и Шуберт“ како групација е основана во далечната 1902 година во Бармен, денешен Вупертал, односно постои повеќе од 110 години. Во светски рамки моментно има фабрики на 35 локации, речиси на сите континенти и вработува повеќе од 50.000 луѓе. 

Основна дејност на компанијата е производство на кабелски снопови за автомобилската индустрија. Главни брендови за кои моментно работиме се „Мерцедес“, „Ауди“, „Шкода“, „БМВ“, „Порше“ и други. Основната вредност според која функционира и се раководи „Кромберг и Шуберт“ во глобални рамки е водење бизнис со интегритет.

МАРИЛИ: Компанијата работи во согласност со принципите и концептот за „праволиниски менаџмент“, но многу вложува и во едукацијата на менаџментот, како и на другите вработени. Што би кажете за овие активности?
МИЛИСКОВИЌ:
Работата во компанијата е поделена на два сектора: Технички (во кој спаѓаат одделите за производство, индустриски инженеринг, квалитет и логистика) и Комерцијален. Во рамките на Комерцијалниот сектор, покрај финансии, ИТ, набавки, спаѓа Одделот за човечки ресурси што го вклучува и делот за едукација и развој. Програмата е поделена на обуки за меки вештини (со фокус на развојот на лидерски способности) и технички дел, за остварување на стратегијата за „нула“ грешки. Планот за обуки и развој е резултат на моментната фаза во која се наоѓа организацијата, барањата од претпоставените, вработените и клиентите и тековните законски измени во државата, со цел да се обезбеди целосна усогласеност. Овој план секогаш вклучува и специфични технички обуки поврзани со разни проекти во другите фабрики „Крошу“, каде што често патуваат нашите вработени.

МАРИЛИ: Значителен број од вработените во фабриката се жени, а голем е нивниот процент и во менаџментот. Со оглед на постојаното зголемување на бројот на вработените, како сега се движи оваа статистика?
МИЛИСКОВИЌ:
Односот во фабриката е приближно 56/44, односно жените заземаат околу 56% од вкупниот број вработени. Застапеноста е различна на различни нивоа во организационата структура. Има простор за подобрување, особено во погорните нивоа на средниот менаџмент. Сите имаат еднакви шанси. До каде ќе стигне некој, професионално или приватно во животот, исклучиво е индивидуално, тоа е резултат на секојдневните избори што ги правиме во животот, нема врска дали станува збор за маж или жена. Сè има своја цена за која треба да сме свесни и треба да знаеме за што сме „скроени“. Како што рекол некој попаметен од мене: в ред е да не знаеш што сакаш да правиш во животот; битно е да знаеш каков човек сакаш да станеш.

МАРИЛИ: Највисоката позиција на жените во менаџментот на оваа компанија е токму Вашата, како комерцијален директор. За Вашето успешно менаџирање добивте признание од агенцијата „Марили“ во 2016 година како една од Топ 10 најуспешни жени менаџери за 2015 година во Р. Македонија. Колку за Вас ова признание беше потврда и поттик во работењето?
МИЛИСКОВИЌ:
Најдобро се чувствувам во фабриката, меѓутоа самиот процес на номинирањето ме изненади и ме разубеди. Доказ за почитта и за довербата што ја имаме јас лично и компанијата како колектив кон агенцијата „Марили“ и г-ѓа Лидија е ова интервју каде што првпат споделуваме информации за проширувањето во Битола и за проектот во Србија. 

Јас најмалку ја заслужив наградата, за тоа многу повеќе се заслужни луѓето околу мене, сите колеги. Иако изминатите шест години не беше лесно (за разни цели често се злоупотребуваше компанијата), сепак, тие се најубавиот период од мојот живот и не би избрала ништо друго.Нема поголема награда од тоа човек да доживее толку луѓе да имаат доверба да му се обратат за совет или да побараат помош. Да споделиш толку многу роденденски торти. Да прославиш толку раѓања на деца и свадби. 

Да видиш како некој се заљубува, созрева, како прави грешки и учи. Да бидеш горд кога ќе видиш колку стоички луѓето се справуваат со предизвиците во животот. Да зачуваш многу тајни, да бидеш дел од разговорот што понекогаш го водат луѓето со своите најблиски дома на масата кога ручаат. Да научиш по нешто од секој и да станеш подобар затоа што сите 5.000 луѓе се тука. Да допреш толку многу животи. На малку себичен начин, сè што е добро, вредно и убаво кај сите нив како да ми припаѓа и мене.

МАРИЛИ: Вашата компанија важи за една од најактивните во делот на општествената одговорност и во реализацијата на голем број хуманитарни проекти. Кои се најзначајните активности на овој план и колку е опфатена пошироката заедница и колку е информирана околу сето ова?
МИЛИСКОВИЌ:
Определба на менаџментот беше дека не е правилно да се фалиме секогаш кога учествуваме во некоја хуманитарна акција. 

Како што растеше компанијата, така сè повеќе станувавме свесни за значењето што го имаме во регионот како еден од најголемите работодавци и сè повеќе ни беше важно сите наши вработени да знаат што значи „Крошу“ и од кој, всушност, и самите се дел. 

Имаме уште многу работа интерно, во однос на стабилизацијата на производството по огромниот раст, натамошно подобрување на сите услови за работа и на придобивките што ќе им ги понудиме на вработените, меѓутоа големината бара и вклученост во проекти што влијаат врз условите за живеење во Битола и подобрување на здравствените услуги, образованието, спортот, разни културни настани и хуманитарни активности. Знаете како викаат: играчите играат - публиката навива. Ние ја сакаме Битола и сите околни места од каде што доаѓаат нашите вработени и работиме да бидеме позитивен пример.
 

 

Содржината е прочитана 16982 пати.