Бизнис вести

Најниска основицата за придонеси е 17.040 денари, дури и да е платата пониска

Највисока основица за пресметка на придонесите за 2018 година за примањата од работен однос и за примања на извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво изнесува 545.264 денари, додека за самовработено лице е 408.948 денари

петок, 26 јануари 2018

Управата за јавни приходи ги објави најниската и највисоката основица на кои се пресметуваат придонесите за пензиско и за здравствено осигурување и придонесот во случај на невработеност. Најниската основица за пресметка на придонесите за 2018 година изнесува 17.040 денари, што е половина од просечната плата во Македонија, додека највисоката основица е 545.264 денари, или 16 просечни плати. Оваа основица е зацртана независно од тоа дали нето платата е пониска, односно, придонесите се пресметуваат според утврдениот долен праг за пресметка и во случај на пониска нето плата.

Просечната плата по работник во Македонија изнесува 34.079 денари, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.

„Просечната плата се користи за утврдување на најниската и највисоката основица за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување и тоа за пресметките за плата што се однесуваат за период од јануари до декември 2018 година. Најниската основица за пресметка на придонесите за 2018 година изнесува 17.040 денари (50 отсто од 34.079). Највисока основица за пресметка на придонесите за 2018 година за примањата од работен однос и за примања на извршен член на одбор на директори, член на управен одбор, односно управител во трговско друштво изнесува 545.264 денари (16 x 34.079). Највисока основица за пресметка на придонесите за 2018 година за самовработено лице изнесува 408.948 денари (12 x 34.079)“, информираше УЈП.

Вкупниот најнизок износ за придонеси е 4.600 денари, од кои 3.067 денари се за пензиско, 1.244 денари се за здравствено осигурување, 85 денари за осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување и 204 денари за осигурување во случај на невработеност.
 

Содржината е прочитана 274 пати.