Бизнис вести

Нина Ангеловска од „Grouper“ и Жарко Димитриоски од „Еден на Еден“ на ранг листата на „Forbes“

Двајцата Македонци се рангирани на листата „30 Under 30“ за најдобри млади претприемачи под 30 години

среда, 24 јануари 2018

Нина Ангеловска, коосновач на „Grouper“ и Жарко Димитриоски, коосновач на маркетинг агенцијата „Еден на Еден“ се најдоа на ранг листата на магазинот „Forbes“ за најдобри млади претприемачи под 30 години „30 Under 30“

„Forbes“ секоја година идентификува 300 најдобри претприемачи под 30 години во 10 различни индустрии, по 30 во секоја индустрија. На листата има девет имиња од Балканот, меѓу кои за прв пат и од Македонија, и тоа двајца.

Нина Ангеловска во 2011 година на 21 година победи на национален натпревар со својот бизнис план со што ја лансираше „Grouper.mk“, првата македонска онлајн платформа за купување зделки. Тогаш само еден отсто од граѓаните во Македонија купуваа онлајн, додека денес „Grouper.mk“ има повеќе од 2.500 трговски партнери и 170.000 регистрирани корисници.

Жарко Димитриоски, пак, во 2012 година ја основаше маркетинг агенцијата „Еден на еден“ заедно со својот брат. Тој е познат ТВ водител на истоименото шоу. Денеска агенцијата брои 25 вработени и опслужува некои од најпознатите македонски брендови. Кон крајот на минатата година Димитриоски ја доби и наградата Претприемач на годината.

Покрај двајцата Македонци, на листата на „Forbes“ се најдоа луѓе и од други балкански држави. Така, за прв пат рангирани се и граѓани од Косово. Тоа е светски познатата пејачка Рита Ора и основачите на организацијата „Open Data Kosovo“, која преку технологијата придонесува кон поголема транспарентност и одговорност во Косово.

Двајца рангирани има и од Бугарија - Лена Бориславова, адвокат во канцеларијата „Georgiev, Todorov & Co“, која преку работата во финансово право ги поддржува странските инвестиции во Бугарија и Ива Цолова од „JAMBA – Career For All“, дизајнер на истоимената онлајн платформа за едукација на луѓе со попреченост во развојот и нивно поврзување со бизниси.

По еден рангиран има од Босна и Херцеговина, Романија и од Молдавија.
 

Содржината е прочитана 240 пати.