Бизнис вести

Нискиот праг за граѓаните да се регистрираат како ДДВ обврзници, се уште ја бранува јавноста

Иако се очекуваше Владата да го исполни предизборното ветување и да го крене прагот на остварен годишен промет од еден на два милиони денари, засега нема ништо од тоа. Во меѓувреме, истече рокот за пријавување во УЈП

вторник, 23 јануари 2018

Јавноста се уште дебатира околу обврската физичките лица, кои лани заработиле над милион денари вршејќи стопанска дејност да се регистрираат како ДДВ обврзници. Граѓаните кои лани оствариле годишен промет поголем од 16.200 евра, што е месечно 1.400 евра имаа рок до 15 јануари годинава да се пријават во Управата за јавни приходи и да се регистрираат како даночни обврзници за да плаќаат данок на додадена вредност.

Преку социјалните мрежи, но и преку телевизиите се критикува ваквата одлука на Владата и се полемизира околу, како што се потенцира, двојните аршини на некои од советниците на премиерот. Бидејќи се работи за решение на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ кое претходно остро го критикуваа токму советниците на премиерот Зоран Заев и на министерот за финансии Драган Тевдовски. Функционери на СДСМ, пак, ветуваа дека ќе го преиспитаат Законот и ќе го подигнат прагот на ДДВ.

„Одговорната Влада на СДСМ ќе го врати прагот на ДДВ на два милиони денари, со што ќе ги ослободиме малите фирми и граѓаните од новите давачки за ДДВ што им ги наметнаа Груевски и Ставревски, со тоа што го намалија прагот на ДДВ на еден милион денари“, најавуваа од СДСМ.

Но, Владата на СДСМ се уште не го крена прагот на ДДВ. Објавувајќи ги старите изјави на Бранимир Јовановиќ и на професорот Ванчо Узунов со кои ја критикуваа одлуката на тогашната власт и споредувајќи ги со новите изјави дадени од позиција на советник на министерот, односно, на премиерот, јавноста сега со право го поставува прашањето, кој е нивниот вистински експертски став. Бидејќи, лани Јовановиќ тврдеше дека „кога се спушта прагот на обврска за плаќање ДДВ од два милиони на еден милион денари годишно, проблемот е што се оданочуваат малите субјекти, оние што остваруваат мал промет, односно сиромашните, со цел да се наполни буџетот, а не се оданочуваат побогатите“, а ставот на Узунов беше дека Владата во заминување го подигнала прагот за да собере повеќе пари во буџетот и оти „на скриен начин се воведува дополнителен данок само за одредена категорија граѓани и има нефер третман“.

Сега, пак, според советникот на министерот „прашањето е зошто ова не се спроведувало порано, оти целта не е да се приберат повеќе пари во буџетот. Со оваа обврска не се даночат сиромашните, туку се даночат еден процент од најбогатите“. Советникот на Заев, пак, Узунов тврди дека и натаму е на истиот став, но, како што изјавил за ТВ 24 „проблемот со Законот е покомплексен, а подигањето на прагот е само паушално решение“.


И, додека да одлучат советниците на актуелните функционери што е вистина, дали со нискиот праг се оданочуваат сиромашните, а богатите повторно се привилегирани, граѓаните се се повеќе збунети. Експертите и натаму тврдат дека треба да се подигне прагот на оданочување. Но, пред се, да се прецизира кои категории се даночни обврзници и точно да се дефинира што спаѓа под стопанска дејност.
Инаку, од 2000 година кога почна да се применува Законот за ДДВ, досега прагот за ДДВ обврзници е менуван повеќе пати. Највисокиот праг изнесуваше два милиони денари, а на најниското ниво од еден милион денари е спуштен во 2015 година кога е зголемен опфатот на стопански дејности што ги водат физички лица. Во оваа категорија влегуваат приходи остварени врз основа на вршење стопанска дејност како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходи остварени врз основа на договор на дело, од издавање деловен простор под закуп, приходи од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходи по основ на членување во надзорен одбор и слично.

А, кога еднаш ќе се регистрира како ДДВ обврзник, обврската важи пет години, без разилика дали во следните години се надминува прагот од еден милион денари. Со оглед дека Законот предвидува глоба во висина од 250 до 375 евра за физичките лица кои нема да се регистрираат како ДДВ обврзници, експертите стравуваат дека граѓаните ќе се обидат на секој можен начин да ја избегнат обврската да го платат данокот.
 
Содржината е прочитана 206 пати.