Инфо

Македонските ракометари го претрпеа првиот пораз на ЕП, но, по се изгледа останаа и без капитенот Лазаров

Шпанија ја декласираше Македонија со 11 голови разлика и ја спласна еуфоријата што владееше не само во тимот, туку и во целата македонска јавност дека конечно ќе се најдеме во полуфиналето на еден голем меѓународен натпревар

понеделник, 22 јануари 2018

Македонските ракометари го претрпеа првиот пораз на Европското првенство во Хрватска. Шпанија ја декласираше Македонија со 11 голови разлика (31:20) и ја спласна еуфоријата што владееше не само во тимот, туку и во целата македонска јавност по добрата игра покажана во првите три напревари од првото коло и надежта дека конечно ќе се најдеме во полуфиналето на еден голем меѓународен натпревар.

Но, иако поразот не е изненадување, сепак, дојде во вистински момент, бидејќи нашите ракометари имаат шанси за поправен. Ги чекаат уште два тешки меча, во вторник против Чешка и во среда против Данска. Сеапк, се чини дека нема место за многу оптимизам, особено што е речиси извесно дека Македонија ќе остане без столбот на репрезантацијата, капитенот Кирил Лазаров, кој беше повреден на натпреварот со Шпанија.

Резултатот, всушност, можеше да биде уште понеповолен за нашите ракометари, имајќи ја во предвид играта што ја покажаа и неефикасноста во нападот. Тешко се доаѓаше до позиција за удар, нападот беше блед, немаше брзи транзиции, често се грешеше, а и тогаш кога имаше шанса за гол, чуварот на шпанската мрежа, Перез де Варгас беше несовладлив. Одбраната, пак, едноставно немаше решение за шпанската „фурија“. Уште на стартот беше јасно дека борбата е нарамноправна, иако нашиот прв голман, Борко Ристовски имаше одлични интервенции, па спречи поголема резултатска разлика. Шпанците, пак, едноставно кажано, играа толку колку што беше потребно и без голема мака, рутински го одиграа мечот.

Селекторот на македонската реппрезентација, Раул Гонзалес навреме ја согледа ситуацијата, па одлучи во вториот дел од напреварот да ги одмори првотимците Ристовски, Миркуловски, Стоилов, Манасков, Георгиевски и да го сочува за наредните утакмици, а на терен ги пушти младите и неискусни ракометари кои играа толку колку што можеа и знаеја.

„Мечот го започнав со еден состав, но кога видов дека уште од старт губиме, одлучив да го одморам Миркуловски на овој натпревар, оти имаме уште напревари. Филип го зачувавме, но, се плашам дека тоа ќе биде тешко и со Кире. А, без Лазаров тешко ни се пишува“, изјавил Гонзалес.

Голманот Ристовски смета дека поразот е добра лекција за репрезантацијата, особено за помладите ракометари.

„Шпанците ни ја лимитираа играта, одиграа фантастично во одбрана, како од ракометните учебници и мораме многу да научиме од овој натпревар. Малку се занесовме дека имаме кој знае колку шанси за полуфинале, но реалноста не спушти на земја. Ова е добра лекција посебно за младите, да научат како и колку можат да играат на ова ниво. Тоа е цената кога играте со млади играчи, ова е школо за нив. Но, сите треба да ја кренат главата горе. Шпанија е Шпанија. Одигравме напревар колку што тие дозволија“, рече Ристовски.

Македонија денеска ќе одмора. И ракометарите и публиката имаат можност да ги средат мислите. Но, сите се уште се надеваат дека, ако ништо друго, тогаш барем ќе се повтори успехот од пред 6 години, кога на Европското првенство во Србија го освоивме 5.место. Дека тоа ќе биде многу тешко, веќе никој нема илузии. Сепак, потребни се две победи на двата меча за сигурен пласман во полуфиналето. Иако има и други математики. Да видиме најпрвин што ќе донесе натпреварот со Чешка, утре вторник, во 20,30 часот.
 

Содржината е прочитана 89 пати.