Инфо

„Сител“ најгледана домашна телевизија, „Дискавери“ најгледан странски канал

Според анкетата на Агенцијата за медиуми, 51,45 отсто од граѓаните гледале „Сител“ минатата недела, а 46,43 отсто „Канал 5“, „Дискавери“, пак, го следеле над 15 проценти

четврток, 18 јануари 2018

Телевизијата „Сител“ и натаму е најгледан телевизиски канал во Македонија. Според анкетата што ја спроведе Агенцијата за медиуми, во просек 51,45 отсто од испитаниците во текот на претходната седмица гледале „Сител“. Втора на листата е телевизијата „Канал 5“ која ја гледале 46,43 отсто од анкетираните, а трета е телевизија „Телма“ со 30,27 отсто гледаност. Телевизијата „Алсат-М“ е четврта на списокот со 30,27 проценти, а МТВ е петта со 19,68 отсто. Натаму следуваат „24 вести“ со 18,89 и „Алфа“ со 17,67 отсто гледаност.

Од странските канали, граѓаните најчесто гледаат „Дискавери“, „Спорт клуб“ и „Фокс“, односно, овие три канали ги следат речиси 40 проценти од гледачите во Македонија. Поточно, нешто над 15 проценти од граѓаните одговориле дека гледале „Дискавери“, спортскиот канал го следеле 12,42 отсто, а филмскиот „Фокс“ 11,63 проценти.

Во анкетата на Агенцијата се користи полуструктуриран прашалник. Анкетирањето се врши со CATI-метод – телефонско интервју со помош на компјутер на вкупен примерок од 9.600 испитаници.
 

Содржината е прочитана 115 пати.