Инфо

Штип ќе биде четвртиот гасифициран град во Македонија

Општината ќе го рестартира јавното претпријатие „Енерго Штип“, ќе се изврши ревизија на физибилити студијата, а за проектна документација предвиде 6 милиони денари од општинскиот буџет

четврток, 18 јануари 2018

По Куманово, Струмица и Скопје, Штип ќе биде четвртиот македонски град што ќе поне да го користи природниот гас во индустриските објекти и во јавните установи. Општина Штип ќе го рестартира јавното претпријатие „Енерго Штип“, а ќе се изврши и ревизија на физибилити студијата за гасификација на градот. Во план е годинава да бидат изработени инфраструктурниот и основниот проект.

Во буџетот на Општина Штип за 2018 година се предвидени шест милиони денари за подготовка на проектната документација. Градоначалникот, Благој Бочварски неодамна најави дека поставувањето на првата гасоводна цевка во градот може да се очекува во 2019 година. Гасот најпрво ќе стаса до индустриските зони и до јавните објекти во Штип, додека во наредната фаза би се преминало кон гасифицирање на домаќинствата.

Природниот гас веќе е стасан на три километри до Штип. Во 2016 година беше завршена изградбата на 61 километар долгата траса на магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце до Штип. Со проектот беше изведена и мерно–регулациона станица, која ќе овозможи приклучување на дистрибутивната мрежа во Штип на магистралниот гасовод.
 

Содржината е прочитана 131 пати.