Инфо

Македонските ракометари со победа над европскиот првак Германија ја завршија првата фаза како првопласирани во групата

Македонија ги продолжува натпреварите во Вараждин. Прв противник во недела е Шпанија, а потоа следуваат Чешка и Данска

четврток, 18 јануари 2018

Македонската ракометна репрезентација, со нерешен резултат 25:25 против европскиот првак Германија, ја заврши првата фаза од Европското првенство што се одржува во Хрватска и како првопласирана во својата група ги продолжува натпреварите со три пренесени бодови.

Македонија почнува како најдобра во групата во Вараждин, со три бода, пред Шпанија, Данска, Германија и Чешка со два и Словенија со еден бод. Репрезентациите кои ќе се пласираат на првите две места во оваа група одат директно во полуфинале, а репрезентацијата која ќе го освои третото место, ќе игра за петта позиција на вкупниот пласман на првенството.

Европската ракометна федерација ги објави термините во кои ќе се игра во втората фаза, во вараждинската група 2. Нашата репрезентација ќе го игра првиот напревар против Шпанија во недела, во вечерниот термин во 20,30 часот. Тое ќе биде можеби најважниот натпревар за Македонија на првенството, бидејќи со победа ќе бидеме на само еден чекор до полуфиналето. Сепак, се чини најтешко ќе биде во последните две кола. Против Чешка играме во вторник, на 23 јануари, исто така од 20,30 часот, додека последниот натпревар, против традиционално незгодната Данска е по нецели 24 часа, односно, во среда на 24 јануари во 18,15 часот.

Според пресметките, на Македонија ѝ се потребни две победи за сигурно да се најде меѓу четирите најдобри екипи во Европа, иако до полуфинале би можеле да стигнеме и со три бода, односно со една победа и едно реми.

А, оптимизам владее и кај нашите ракометари. Покажаната добра, максимално дисциплинирана и пожртвувана игра, придружена со огромната поддршка од македонските навивачи уште повеќе ја подгреваат вербата дека, конечно, Македонија има реални шанси да го оствари најголемиот успех на големите ракометни напреварувања.

„Доста беше пласман во следна фаза, сега, со навивачите, со знаење и со среќа ќе можеме и до полуфинале. Завршивме први во група пред Германија и Словенија и нема застанување. Одиме чекор по чекор, имаме три дена за одмор, добро ќе ги залечиме повредите. Чешка е незгодна репрезентација, но имаме добар скор со нив. За Шпанците ќе имаме мала предност, зашто го имаме Раул на клупа“, изјави во микс-зоната Филип Миркуловски.

Македонските ракометари денеска отпатуваа за Вараждин. Но, поголемиот дел од навивачите кои ги бодреа нашите репрезентативци во Загреб ќе останат во главниот град, бидејќи во Вараждин е невозможно да се најде сместување, со оглед на тоа дека таму веќе се наоѓаат навивачите на Шпанија, Данска и на Чешка, кои и досега играа во овој хрватски град. Сепак, како што изјавуваат од македонската „фаланга“, тоа нема да ги спречи да патуваат по 100 километри во еден правец за да му дадат поддршка на македонскиот тим и да ги бодрат ракометарите. А, тоа значи дека и Вараждин ќе биде обоен во црвено-жолта боја.
 

Содржината е прочитана 126 пати.