Бизнис вести

„Ferrero“ го купува американскиот бизнис со слатки на „Nestle“ за 2,8 милијарди долари

По трансакцијата, италијанскиот концерн, кој е производител на најпознатиот крем од лешник „Nutella“ ќе ги преземе и познатите брендови „Butterfinger“, „Baby Ruth“, „Crunch“, „Nerds“ и „Runts“

среда, 17 јануари 2018

Швајцарскиот гигант „Nestle“ ќе го продаде својот американски дел од бизнисот со слатки на италијанската компанија „Ferrero“ за 2,8 милијарди долари. По трансакцијата, италијанскиот концерн, кој е производител на најпознатиот крем од лешник „Nutella“ ќе ги преземе и познатите брендови „Butterfinger“, „Baby Ruth“, „Crunch“, „Nerds“ и „Runts“.

Договорот, кој мора да се заврши до крајот на првиот квартал, за „Nestle“ претставува обид компанијата да се преиориентира кон поздрави производи, а за „Ferrero“, пак, шанса побрзо да се пробие на пазарот на кој лани склучи две нови зделки.

За новиот извршен директор на „Nestle“, Марк Шнајдер договорот е важен чекор за оддалечување од чоколадото, додека со трансакцијата „Ferrero“ станува трет по големина производител на кондиторски производи во САД, по конкурентите „Mars“ и „Hershey“.

Инаку, американскиот кондиторски бизнис е најголем во светот, проценет на 8 милијарди долари. Во 2016 година швајцарската компанија оствари приходи од околу 900 милиони франци од слаткарскиот бизнис во САД, што претставува околу 3 отсто од вкупните приходи на „Nestle“ во САД.

„Нестле“ минатото лето навести дека би можела да го продаде својот американски бизнис за да може повеќе да се насочи кон ветувачкиот бизнис со здрави производи, кон производството на кафе, храна за бебиња и храна и опрема за миленичиња. Според пишувањата, „Nestle“ е фаворит за купување на бизнисот со здрави продукти на германскиот концерн „Merck“. Но, компанијата и натаму ќе се држи и до својот меѓународен кондиторски бизнис и ќе продолжи да го развива, особено брендот „KitKat“.
 

Содржината е прочитана 164 пати.