Бизнис вести

Тевдовски: „Од 2019 ќе почнеме со среднорочно буџетирање“

Министерот за финансии, на најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа „Евромани“, што се одржува во Виена истакнал дека на реформата ќе се работи во соработка со ММФ

среда, 17 јануари 2018

„Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години“, најави министерот за финансии, Драган Тевдовски во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Евромани“, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која 23. година по ред се одржува во Виена.

Од кабинетот на Тевдовски информираат дека министерот истакнал дека на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

„Заедно со ММФ ќе работиме на имплементирање на фискалните правила, на механизми со кои ефикасно ќе го контролираме нивото на јавниот долг. Една од клучните придобивки е дека ќе го промениме начинот на планирање и ќе се подобри таргетирањето, особено кај социјалните надоместоци и земјоделските субвенции, со што ќе се подобри нивната ефективност“, рекол Тевдовски.

Министерот ја истакнал и издадената еврообврзница со историски најниска камата, потенцирајќи притоа дека тоа може да се смета за успех од повеќе причини.

„Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра, или 7 пати поголема од понудата, што е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата, а третата работа е дека Македонија сега првпат влезе во поактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата, која достасува во 2020 година, предвреме исплаќајќи третина од неа по двојно пониска камата“, посочил Тевдовски.

Како што соопштуваат од кабинетот, министерот истакнал дека со оглед на тоа што политичката криза е надмината, очекувањата се дека земјата ќе направи чекор напред во однос на членството во НАТО и ќе ги почне преговорите за членство со ЕУ, што, пак, ќе придонесе за поинтензивен и одржлив економски раст во Македонија.
 

Содржината е прочитана 144 пати.