Бизнис вести

„Скопски пазар“ затвора 10 маркети во Скопје

Станува збор за осум СП маркети во повеќе скопски општини и два Макси-Д дисконта. Деловниот простор ќе биде даден под закуп

среда, 17 јануари 2018

Компанијата „Скопски пазар“ одлучи да затвори 10 маркети во Скопје. Станува збор за СП маркети и Макси-Д дисконти во повеќе скопски населби, а деловниот простор во кој тие работеа ќе биде даден под закуп.

„’Скопски пазар’ АД Скопје, согласно определбите на друштвото за изнаоѓање прифатливо деловно решение за состојбите со дејноста трговија, како и стратешката определба на менаџментот да се одбегнат можните ризици во дејноста и да се обезбеди и унапреди деловниот капацитет на друштвото во целина, има преземено конкретни активности за укинување на преостанатиот дел од регистрираните подружници на ‘Скопски пазар’ кои обавуваат трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалоци и тутун“, соопшти компанијата преку Македонска берза.

Притоа се наведува дека се затвораат СП маркетите во Чаир, Драчево, Карпош, Бутел, Расадник, во Ѓорче Петров, Гази Баба и во Тафталиџе, како и два Макси-Д дисконти, едниот во Аеродром и другиот во Шуто Оризари.

Натаму се појаснува дека недвижниот имот-деловен простор на укинатите подружници, сопственост на „Скопски пазар“ е предмет на преговори и конкретни договори за закуп со заинтересирани субјекти под услови од интерес за друштвото, кои, како што се потенцира, претставуваат деловен потфат „интер партес“ под клаузула на дискреција.

„’Скопски пазар’ АД Скопје, во рамките на Секоторот за трговија и угостителство има регистрирано и организирано подружници ФРЕСКО за продажба на мало на храна – готвени јадења, бели пецива и сокови, кои и натаму ќе ја развиваат трговијата на мало со храна и пијалоци“, се вели во соопштението од компанијата.
 

Содржината е прочитана 1534 пати.