Бизнис вести

Откупната цена на тутунот достигна 214,8 денари за килограм

Од Министерството за земјоделство велат дека тенденцијата е да се зголеми побарувачката со зголемување на конкурентноста на пазарот преку влез на нови откупувачи и инвестиции во тутунската индустрија

среда, 17 јануари 2018

„Просечната откупна цена на тутунот од реколтата 2017-та достигна 214,8 денари за килограм. Откупот на тутун е во завршна фаза и се очекува да заврши до крајот на месецот“, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени повеќе од 21,5 милиони килограми тутун во вредност од близу 60 милиони евра. Тутунот годинава е со добар квалитет, кај компаниите има интерес за откуп и засега нема пријавено проблеми во однос на проценката на класите.

Од Министерството појаснуваат дека производството на тутун е стратешка култура на Република Македонија, со извоз во вредност од 100 милиони евра годишно. Во просек годишно откупот на тутун е околу 25 милиони килограми, со вредност од над 80,5 милиони евра.

„Тенденцијата на Владата е да се зголеми побарувачката на тутунот со зголемување на конкурентноста на пазарот преку влез на нови откупувачи на пазарот и инвестиции во тутунската индустрија, што крајно ќе влијае и врз зголемување на откупната цена на тутунот“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека кон крајот на минатата година компанијата „Бритиш-Aмерикан Tобако“ (БАТ) инвестираше 13 милиони евра во Македонија, сума која што беше инвестирана во ТДР СКОПЈЕ ДООЕЛ Скопје, преку која БАТ работи на македонскиот пазар. Целта на инвестицијата е консолидација и развој на својот бизнис, зајакнување на позицијата на пазарот и отворање нови директни и индиректни вработувања во Македонија. Од компанијата потенцираат дека се задоволни со резултатите од досегашната работа во Македонија, бидејќи континуирано бележат раст на уделот на македонскиот пазар. За Македонија, освен отворање нови работни места, инвестицијата ќе придонесе и кон успешно позиционирање на регионалниот пазар.

„Бритиш-Американ Тобако“ во 2015 година ја купила хрватската компанија „Творница духана Ровињ“. Всушност, станува збор за една од водечките мултинационални компании за тутун во светот, која ги продава своите брендови на повеќе од 200 пазари низ светот. Оваа компанија од Македонија откупува тутун, но не преку македонското друштво, туку од компаниите кои откупуваат тутун од примарните производители.
 

Содржината е прочитана 173 пати.