Бизнис вести

Само 33 отсто од компаниите во земјава ги менаџираат жени

Истражувањето на македонскиот Институт за комуникациски студии и на словенечкиот „Изида Вита“ покажало дека дури 73 проценти од големите и средни компании во Македонија се во сопственост на мажи, а 67 отсто имаат мажи менаџери

вторник, 16 јануари 2018

Само 33 отсто од големите и средни компании во Македонија ги менаџираат жени, а помалку од една третина, поточно 27 проценти имаат жени сопственички. Најголем број македонски компании, дури 73 проценти се во сопственост на мажи, а 67 отсто имаат мажи менаџери.

Вакви податоци за нееднаквата застапеност на жените на највисоките раководни позиции покажало истражувањето што во рамки на проектот „Еднаква моќ за жените“ го реализираа Институтот за комуникациски студии - Скопје и Институтот „Изида Вита“ од Словенија.

Со цел да се подигне свеста за родовата еднаквост во големите и во средните претпријатија ќе продолжи реализацијата на проектот и ќе се пренесат позитивни искуства од Словенија. Во рамки на овој проект утре во Скопје ќе се одржи Првата меѓународна конференција за родова еднаквост.

Инаку, проектот „Еднаква моќ за жените“ е кофинансиран од Министерството за надворешни работи на Република Словенија со голема поддршка од словенечката амбасада во Скопје. Проектот започна да се реализира во годината кога се одбележува 25 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Словенија и Македонија, а ќе трае во наредните 2,5 години.

А, според извештајот на Обединетите нации за жените за 2015-2016 година, иако се зголемува нивото на образование на жените, половите предрасуди во домаќинствата и на пазарот на трудот влијаат врз поделбата на професиите помеѓу мажите и жените, што има индиректни последици врз платите и бенефициите според видот на работата.
 

Содржината е прочитана 155 пати.