Бизнис вести

Пазарџиите ќе работат без фискални, но со лиценци

Според Законот за трговија на зелените пазари обврските кон државата ќе се плаќаат паушално, а за придонесите за здравствено и за пензиско осигурување, тезгаџиите ќе бидат третирани како земјоделец-поединец

понеделник, 15 јануари 2018

На пазарите во Македонија нема да се издаваат фискални сметки се до влез на државата во ЕУ, а фирма ќе се регистрира со лиценца што ќе ја издава Комората на трговци, а не преку Централен регистар. Ова се предвидува со новиот Закон за трговија на зелените пазари, што беше донесен минатата недела, а деновиве се очекува да биде објавен во Службен весник.

Како што појасни претседателот на Комората на трговци, Екрем Долек, плаќањето на обврските кон државата ќе биде паушално, а не преку книговодители.

„Паушалното плаќање на персонален данок на доход веќе функционира од 2011 година. За плаќањето на придонесите за здравствено и за пенизиско осигурување, се согласивме со Владата и со Министерството за економија, тезгаџиите да бидат ставени во тарифата на земјоделец-поединец, бидејќи по направените анализи се дојде до заклучок дека дејноста на еден тезгаџија по обем е иста како на еден земјоделец-поединец“, рече Долек.

За да се добие лиценца барателот треба да докаже дека поседува тезга под закуп и врз основа на тој договор со организаторот на пазарот, Комората ќе му издаде лиценца со важност од една година. Доколку лиценцата не биде обновена, пазарџијата ќе биде избришан како имател на тезга. Оние, пак, кои нема да имаат лиценца, а ќе држат тезга, ќе се соочат со казни.

Што се однесува до цената на лиценцата, Долек појасни дека оваа недела ќе се разговара со министерствата за финансии и за економија.
 

Содржината е прочитана 154 пати.